ВИДЕО | Осум приватни автобуси ненајавено кренаа „рачна“ и ги оставија жителите на Ченто без превоз
Жители на населбата Ченто во Гази Баба до „Слободен печат“ испратија видео на кое може да се види дека во моментов ниту еден автобус број 23 и 45 не вози и е паркиран на последната постојка во Ченто, позната како последна 45-ка.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според видеото кое е снимено изминатиов половина час, автобусите се паркирани еден зад друг и воопшто не сообраќаат, оставајќи ги граѓаните без превоз во попладневните часови.
За жал, ова не е првпат како овие автобуси без најава престануваат со возење или го „тенчат“ распоредот, откако пред два месеци граѓани од оваа населба исто така реагираа до нашата редакција и информираа дека приватните превозници со број „45“ и „23“ тој ден престанале да возат.
Тие тогаш изјавија дека во разговор со возачите, дознале дека тој ден тие автобуси веќе нема да возат.
По овие поплаки, „Слободен печат“ тогаш го контактираше претставникот на приватните превозници и сопственик на компанијата „Јофи Турс“, Јовица Зафировски, кој тврдеше дека нема добиено информација дека автобуските линии ненадејно престанале со возење.
„Немам добиено информација дека линиите „45“ и „23“ престанале со возење. Автобусите број 23 имаа проблем со возењето пред два дена кога падна снег, ама потоа немаше проблеми“, вели Зафировски.
Тогаш кризата траеше кратко, но денеска можеме да забележиме дека постојката е исполнета со автобуси, кои очигледно немаат во план попладнево да продолжат со возење според предвидениот возен ред, со што жителите на Ченто треба да очекуваат дека автобусите „23“ и „45“ ќе доцнат или воопшто нема да дојдат на постојките.


