ВИДЕО | Нема ништо од враќањето: „Спајс грлс“ ја откажаа повратничката турнеја за 30 години постоење
Плановите за повратничка турнеја на легендарната поп-група „Спајс грлс“ во 2026 година официјално се откажани, потврди пејачката Мелани Чисхолм, позната како Мел Си.
Препорачано
Во гостување во австралиската емисија „Смолзи шоу“, таа јасно изјави дека годинава нема да дојде до повторно обединување со останатите членки – Викторија Бекам, Џери Халивел, Мелани Браун и Ема Бантон.
„Не, нема повторно обединување“, изјави Мел Си, ставајќи крај на шпекулациите кои подолго време кружеа во јавноста.
Сепак, пејачката не ја исклучи можноста групата повторно да се собере во иднина.
„Постојано сме во контакт. Би сакале да направиме нешто заедно. Кој знае кога, но останувам оптимист дека ќе нè видите повторно“, додаде таа.
Инаку, 2026 година требаше да биде значајна за групата, бидејќи се одбележуваат 30 години од нивниот пробив со хитот „Wannabe“, како и три децении од објавувањето на албумот „Spice“.
Последниот заеднички настап на „Спајс грлс“ беше во 2012 година, на церемонијата на затворање на Летните олимписки игри во Лондон. Оттогаш, секоја од членките ја продолжи својата кариера поединечно.
Во изминатиот период се појавија и шпекулации за несогласувања меѓу членките, што дополнително ги намали шансите за нивно брзо обединување.


