ВИДЕО: Македонските фудбалери не успеаја во Порто, Фернандеш е херојот на Португалците

Нашите најдобри фудбалери поразени на стадионот „Драгао“ во Порто/Фото: EPA-EFE/HUGO DELGADO

Вечерва пред полните трибини на стадионот „Драгао“ во Порто македонската А репрезентација предводена од селекторот Благоја Милевски загуби Португалија со резултат 2:0 во финалето од баражот за пласман на Светското првенство во Катар.

Во почетните 10 минути Португалците ја контролираа топката, но не напаѓаа веднаш како што го правеа Италијанците во Палермо, а сега и нашите играчи повеќе креираа акции.

Првата посериозна закана ја имаа домаќините преку Роналдо во 14 минута, но за наша среќа топката за малку покрај десната статива, а веднаш во следниот наш обид Алиоски упати удар, но беше блокиран.

Фото: EPA-EFE/JOSE COELHO

Добро се држевме и до 20 минута, бевме рамноправни, Ристовски центрираше кон Алиоски кој шутираше, но без голема опасност по голот на Диого Коста. Возврати Португалија со нова добра можност за реализација, по еден изведен корнер највисоко скокна Диого Жота, топката за малку помина над голот на Димитриевски.

Во не толку голема иницијатива на противникот, направивме грешка во средината од теренот преку С. Ристовски, Португалија ја украде топката, се создаде контра која ја реализираа домаќините, Роналдо асистираше до Фернандеш на кој не му беше тешко да ја затресе нашата мрежа за водство од 1:0.

Во понатамошниот период немаше поголеми возбудувања, составот на Фернандо Сантош рутински ја контролираа играта и со минимална предност заминаа на пауза.

И на стартот од вториот дел се закани Португалија повторно преку Фернандеш, но играчот на Манчестер јунајтед шутираше право во сигурниот Димитриевски.

Фото: EPA-EFE/ESTELA SILVA

Убаво се движевме во средниот ред, обидувајќи се да дојдеме што поблиску до голот на противникот, но никако не можевме да дојдеме до сериозен удар. Во таква можност беше Барди, но во последен момент му беше украдена топката.

Веднаш во следната акција на Португалците која личеше како контра, Диого Жота убаво го пронајде Фернандеш во казнетиот простор и со убав удар стрелаше за предност од 2:0.

Португалија рутински ја одржуваа позитивата до самиот крај на мечот, домаќинот не дозволи нашата селекција ниту еднаш сериозно да се закани во вториот дел и заедно со навивачите во Порто го славеа пласманот на Мундијалот.

Финале, бараж за СП 2022 Катар
Стадион „Драгао“ – Порто

Португалија – Македонија 2:0 (1:0)
Фернандеш 32`, 65`

Македонија: Димитриевски, Алиоски, Муслиу, Велковски, С. Ристовски, Елмас (Николов 88`), Барди, Адеми, Костадинов (Ашковски 76 ), Трајковски (Чурлинов 59`), М. Ристовски (Миовски 46`).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот