Кружен тек на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

ВИДЕО | Кружниот тек во Дебар Маало пропаѓа, Општината вели дека во март ќе има нов

Само пет години по неговата изградба, калдрмата на која е сместен овој мал, но важен кружен тек, денес е целосно нерамна и очигледно не може да го издржи бројот на возила што минуваат преку улицата.

Единствениот кружен тек на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало не издржа повеќе од пет години од неговата изградба, земајќи предвид дека калдрмата на која е поставен е целосно нерамна и оштетена поради големиот проток на возила во текот на денот.

Во должина на улицата има само две локации на кои е поставен овој тип подлога, која не е асфалтна, туку е калдрма составена од бекатонски коцки кои, како што се покажало во минатото, немаат долг рок на траење и по неколку години почнуваат да пропаѓаат, да се подигнуваат или пак да се кршат, со што кружниот тек и паркинг-просторот пред Општина Центар се навистина предизвик за возачите и за каросеријата на нивните возила.

Кружен тек на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Поставувањето на овој кружен тек беше во рамките на обновата и проширувањето на улицата „Орце Николов“, кога се поставија тесни вело-ленти и нови тротоари, како и паркинг „џебови“ за резидентите и за зонските паркинзи.

Проектот го започна ексградоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, а беше целосно реализиран во 2021 година, кога оваа улица, која е една од главните сообраќајни „артерии“ во Центар, се прошири и се реновираше од крстосницата со булеварот „Климент Охридски“, сè до крстосницата со „Френклин Рузвелт“.

Реконструкцијата се изведуваше во шест фази, секоја опфаќаше посебен дел од улицата, а кружниот тек се постави на крстосницата меѓу улиците „Орце Николов“ и „Ленинова“, локација што дотогаш беше една „црна точка“ за возачите и место каде што често се случуваа сообраќајни незгоди.

Кружен тек на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Целосната реконструкцијата на „Орце Николов“ заврши во втората половина од 2021 година, опфати површина од вкупно 7.182 метри квадратни, а целиот зафат чинеше 64,8 милиони денари или нешто повеќе од еден милион евра, обезбедени од општинскиот Буџет.

Сепак, само пет години по неговата изградба, калдрмата на која е сместен овој мал, но важен кружен тек, денес е целосно нерамна и очигледно не може да го издржи бројот на возила што минуваат преку улицата.

„Слободен печат“ испрати прашања до Општина Центар дали имаат план за реновирање на овој дотраен кружен тек и дали повторно се размислува на поставување калдрма или, пак, ќе се одлучат за некој поиздржлив модел, а оттаму ни одговорија дека кружниот тек ќе се обнови како дел од проектот за реконструкција на улицата „Ленинова“, која директно излегува на овој кружен тек.

– Што се однесува до реконструкцијата на кружниот тек на улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало, тој е предвиден со реконструкцијата на улицата „Ленинова“, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до Паркот на франкофонија – известија од Центар.

Од локалната самоуправа информираа дека реконструкцијата на „Ленинова“, а воедно и на кружниот тек, ќе почне во текот на март годинава.
Проектот предвидува нов асфалт, обновена атмосферска и водоводна канализација, нови тротоари и ЛЕД улично осветлување, како и воведување резидентен паркинг на овој потег, со што, според Општина Центар, на жителите значително ќе им се олесни секојдневието и ќе се придонесе кон намалување на сообраќајниот хаос.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот