ВИДЕО | Конвој камионџии против вакцинирањето одат кон Париз и покрај забраната

Бунтот на камионџиите против задолжителното вакцинирање се шири и надвор од Канада/ Фото: ЕПА

Бунтот на камионџиите против задолжителното вакцинирање полека се шири и надвор од Канада. Иако засега е далеку помал отколку во Отава, и француските камионџии почнаа сопствен „Конвој на слободата“, а првите камиони денес би требало да стигнат во Париз од југот на земјата.

Организаторите најавија дека од вечерва ќе го блокираат Париз, барајќи крај на сите облици на задолжително вакцинирање и ковид-потврди. Еден конвој со 200 демонстранти тргна од Ница во средата наутро кон Париз, јавуваат француските медиуми.

Меѓутоа, властите во Париз и Брисел веќе забранија одржување протести, односно блокади во градовите кои побунетите возачи на камиони планираат да ги блокираат по примерот на своите колеги во Канада.

„Ќе бидат воведени посебни мерки кои ќе спречат блокада на патиштата, ќе се казнуваат и приведуваат прекршителите на оваа забрана“, се наведува во соопштението на париската полиција. Мерките треба да траат од денес до понеделник, а се воведуваат „поради ризик од кршење на јавниот ред и мир кое би можело да произлезе од овој собир“, објасни полицијата.

„Организаторот на забранетите демонстрации може да биде казнет до шест месеци затвор и 7.500 евра“, предупреди полицијата и додаде дека казни се предвидени и за учесниците.

Градоначалникот на Брисел Филип Клосе вчера забрани влез на конвојот во главниот град на Белгија. Тој кажа дека градот во соработка со белгиското министерство за внатрешни работи донел одлука за одбивање на влез на конвојот во градот бидејќи „немало пријава за протест“.

„Се поставуваат средства за да се спречи блокада на регионот на главниот град на Белгија“, напиша Клосе.

„Полициските зони, со помош на федералната полиција, и покрај забраната ќе ги пренасочуваат моторните возила кои доаѓаат во Брисел. Оваа соработка има цел што помалку да се влијае на јавниот ред во главниот град“, додаде тој.

А како што пишува Политико, во Брисел се спрема далеку поголема блокада од онаа во Париз, и тоа за 14 февруари. Во главниот град на Белгија би требало да стигнат координирани конвои камиони од цела Европа.

И додека составот и големината на европскиот „Конвој на слободата“ не се знаат, мотивите се јасни: да се блокира Брисел и да се натераат властите на ЕУ и на земјите членки да ги укинат преостанатите ковид-мерки.

Политико пишува дека десетици илјади луѓе со недели ја планираат и договараат големата блокада на 14 февруари. Притоа главно ги користат енкриптираните апликации за размена на пораки, како Телеграм, каде заеднички ги планираат рутите, споделуваат техничка поддршка и собираат средства за големата акција која треба да го „парализира главниот град на ЕУ“.

Полицијата во Брисел, која има задача да ги сопре камионџиите пред да го блокираат градот, „ја следи ситуацијата на социјалните мрежи“, кажа портпаролот. Федералната полиција на Белгија, која ги надгледува сите локални полициски сили, изјави дека е „прерано да се каже што може да се очекува бидејќи сè уште немаат јасна слика за бројот на камиони“.

Канадскиот „Конвој на слободата“ тргна минатиот месец од сите делови на таа земја кон главниот град Отава, а камионџиите веќе две недели го блокираат центарот на градот а во меѓувреме почнаа да ги блокираат и граничните премини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот