ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ана Чупевска, професорка: Не е нормално во демократско општество да се краде и за тоа да нема одговорност

Ана Чупеска - универзитетски професор / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Корупцијата и владеењето на правото се веќе референтна точка за анализа на безбедноста. Значи безбедноста на земјите вклучително и нашата зависи од нивото на борбата со корупцијата и криминалот во нив. Секоја коруптивна дејност преставува опасност по безбедноста. Затоа мораме да поработиме за искоренување на овој проблем а за тоа убедена сум дека можат да допринесат во стручна помош и совети западните дипломати и нашите земји партнери. Не е нормално во демократско општество да се краде и за тоа да нема одговорност. Ова меѓудругото го истакна универзитетската професорка Ана Чупевска при гостувањето во емисија „Утрински печат“.

– Треба конечно да се нагласи индивидуалната кривична одговорност. Сите лоши судски одлуки, сите неосновани обвиненија или слабо наведени обвиненија имаат име и презиме. Тие не се фантоми туку тоа се луѓе со име и презиме, кои што за жал ставаат црна дамка на судскиот систем во земјава. Затоа таа независност на судскиот систем повлекува одговорност. Одговорноста и отпорноста на демократскиот поредок зависи од тоа колку ние сме способни нашите институции да процесираат правда која што ќе се знае кој е крив во врска со определени судски случаеви. Тоа е некоја нормализација на поведенија кои се ненормални во демократски поредок како нашиот. Доволно е само институциите да ги почитуваат законите и истите да се применуваат во духот на демократијата и владеењето на правото – истакна Чупевска.

Професорката Чупевска во разговорот во емисијата се осврна и за повиците на опозицијата за предвремени избори но и за уставните измени во земјава.

– Не ја гледам логиката за предвремени парламентарни избори во земјава во овој момент. Доколку има избори тогаш уставните измени ќе станат изборна тема. Уставните измени се наднационална тема, таа тема е дирекнто поврзана со европските интеграции. Уценувањето со избори за уставните измени е тотално неконструктивно и безсмислено. Така да уставните измени се нужност за наше продолжување кон ЕУ. Според мене предвремените изборите не смеат да случат пред уставните измени бидејќи тие ќе станат тема за поткусурување за дневно полтички интереси – вели Чупевска.

Професорката Чупевска коментирајќи ја средбата на албанските политички чинители од земјава во Тирана со премиерот Еди Рама истакна дека таквите консултации се во духот на демократијата и тие не преставуваат никаква опасност за државата.

– Меѓународните односи меѓу Албанија и Македонија се исклучително добри. Еди Рама е голем поддржувач на Македонија. Во однос на средбата можам слободно да кажам дека албанскиот премиер ова собирање го искористи за свој личен маркетинг пред очите на Унијата како фактор на евроинтегративна поддршка за албанскиот фактор во земјава. Тука сакам да нагласам дека овој состанок во Тирана некои чинители од македонскиот но и од албанскиот политички блок со несмасни изјави го искористија за дневно политички поени што во суштина им беше промашена целта. Повторувам наш приоритет во моментов се само уставните измени и наше продолжување на патот кон ЕУ – вели професорката Чупевска.

Универзитетската професорка говорејќи за проблемите во образованието и константниот пад на квалитетот во него истакна дека за тоа е виновна негрижата на сите власти од независноста па до сега.

– Контекстот со кој се третира образованието од независноста до денеска е многу несериозен. Погледнете што се случи со учебниците, тоа е доволен показател колку не сериозен третман има образованието. Образованието е многу важно за развој и одржливост на една земја. Се додека бизнис интересите преовладуваат во целиот сектор, не можеме да очекуваме да имаме квалитет. А да не зборам за условите во високото образование во кои што работиме – додаде Чупевска. Според неа има деградација на образовниот систем во земјава.

Повеќе од разговорот со универзитетската професорка Ана Чупевска погледнете во видеото во продолжение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот