Тигри во циркуз/ Илустрација - Фото: Flickr/ Donnie Gladfelter

ВИДЕО | Инцидент во циркус во Русија – тигар скокна меѓу публиката за време на претставата

Вознемирувачки инцидент се случи во циркус во Ростов на Дон, кога тигар за време на настап излегол од арената и се упатил кон публиката, предизвикувајќи паника кај присутните, пренесува „Дејли стар“.

Истражните органи на Руската Федерација соопштија дека е отворена истрага по медиумските извештаи за настанот, кој се случил во Ворошиловскиот округ. Според официјалните информации, нема повредени, а животното било брзо фатено и вратено во кафез.

Инцидентот се случил за време на настап на патувачки циркус со диви животни. Според сведоштва и снимки од местото на настанот, заштитната мрежа околу арената ненадејно се спуштила, што ги вознемирило трите тигри кои учествувале во точката. Во настанатата конфузија, еден од нив скокнал надвор од кругот и се нашол меѓу седиштата во публиката.

Меѓу гледачите, особено кај децата, настанала паника и се слушале вресоци, додека дел од возрасните се обидувале да се оддалечат. Организаторите преку разглас ги повикувале присутните да останат мирни и на своите места за да не се исплаши дополнително животното.

Според некои извори, тигарот накратко излегол и надвор од шаторот, но брзо се вратил, по што персоналот започнал со евакуација на најблиските редови. И покрај драматичните сцени, дел од публиката останала релативно присебна додека животното се движело меѓу празните седишта.

На крајот, дресерот успеал да го фати тигарот, да му стави огрлица и без поголеми потешкотии да го врати во оградениот простор.

Инцидентот се случил во популарниот Циркус Довгалјук, а случајот повторно ја отвори дебатата за безбедноста и за евентуална забрана на користење диви животни во циркуси.

Директорот на циркусот, Николај Довгалјук, изјави дека иако постоел одреден ризик, ситуацијата била брзо ставена под контрола. Тој нагласи дека станува збор за тренирани животни, но призна дека падот на мрежата најверојатно бил резултат на човечка грешка и несреќна околност.

Паралелно, и обвинителството на Ростовската област спроведува проверка за сите околности поврзани со инцидентот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот