ВИДЕО: Грожан детално ја опиша драмата од запалениот болид во Бахреин!

Фото: Принтскрин/Твитер

Возачот на Формула 1, Роман Грожан, во интервју за француските ТВ станици „ТФ1“ и „ЛЦИ“А откри дека трипати се обидел да избега од остатоците од запалениот болид пред конечно да може да се ослободи.

– Среќен сум што сум жив по оваа несреќа. Не знам дали има збор за чудо и дали може да се користи, но во секој случај би рекол дека не беше часот да умрам – се зборовите на 34-годишниот возач, а потоа Французинот додаде:

– Се чувствував како да сум заробен подолго од 28 секунди. Го видов мојот визир како се претвори во портокалова боја, гледајќи пламен на левата страна од болидот. Потоа си реков дека треба да излезам поради моите деца. Ги ставив рацете во оган, и јасно чувствував како горат на шасијата. Излегов, а потоа почувствував како некој ме влече, па знаев дека сум надвор. Да се ​​излезе од пламен тој ден, е нешто што засекогаш ќе го одбележи мојот живот – рече пилотот на Хас.

Грожан исто така признал дека „ја видел смртта“, но дека повеќе стравувал за своите ближни отколку за себе.

– Најмногу се плашев за моите најблиски, особено за моите деца, но исто така и за татко ми и мајка ми, навистина не се плашев за себе. Видов дека доаѓа смрт, немав друг избор освен да се извлечам од неа. Има многу луѓе кои ми покажаа љубов и тоа многу ме трогна, а понекогаш ми ги насолзува очите – вели Грожан, кој за среќа помина само со изгореници на рацете по страшната несреќа.

Да потсетиме, се возеше првиот круг на Големата награда на Бахреин, а по излегувањето од третиот свиок, возачот на Хас се обиде да ја избегне гужвата, но удри во болидот на Данил Квјат, а потоа неконтролирано се заби во заштитната ограда. Болидот експлодираше и од ударот се распадна на два дела, а предниот дел во кој бил Французинот горел и заглавувал во оградата.

Грожан беше спасен од т.н. „хало“, односно заштита за главата на предниот дел од болидот тешка девет килограми, што е воведено во Формула 1 откако сонародникот на Грожан, Жил Бјанки почина пред пет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот