Фото: Асошиејтед прес / AP / скриншот

ВИДЕО | Годините не ѝ можат ништо — баба на 91 година крева тегови од 45 килограми и руши стереотипи

Чен Јуе-меи има 91 година, но тоа не ја спречува редовно да вежба и да крева тегови од 45 килограми. Додека изведува серии „мртво кревање“, таа не ѝ пркоси само на гравитацијата, туку и на стереотипите за тоа што можат, а што не можат постарите луѓе, пишува „Асошиејтед прес“.

Чен е дел од сè поголемиот број постари жители на Тајван кои сфаќаат дека за да останат физички и психички здрави, мора активно да работат на мускулната маса и здравјето на коските.

Нејзината мотивација е и длабоко лична. Дома се грижи за својот тешко болен сопруг и секојдневно му помага околу основните активности, што бара голем физички напор.

„Мојата помлада сестра, која тренира тука, постигна одлични резултати, па таа и ќерка ми ме охрабрија да почнам. Сопругот ми е во последна фаза од животот, но ме молеше да доаѓам на тренинзи затоа што се плаши дека нема да можам сама да се снаоѓам ако тој замине“, раскажала Чен, која веќе една година редовно посетува фитнес-центар во Тајпеј.

Нејзиниот тренер, Џејкоб Чиу, вели дека работата со постари луѓе му носи посебна инспирација.

„Без разлика дали имаат проблеми со колената или болки во грбот, вежбите ги приспособуваме индивидуално. Спортот можеби не може да го излечи коренот на секој проблем, но значително ги ублажува симптомите“, објаснил тој.

Според лекарите, ваквиот тренд е исклучително важен за јавното здравје. Докторот Цаи Ју-лин истакнува дека тренинзите помагаат во спречување на саркопенија – губење на мускулната маса – како и кај остеопороза.

„Постарите луѓе сè повеќе се откажуваат од идејата дека пензионерските денови треба да ги поминат седејќи или лежејќи. Наместо тоа, избираат движење и спорт“, вели докторот.

Менaџерот на една вежбалница открил и интересен податок – пред пет години просечната возраст на клиентите била околу 40 години, а денес е над 65.

Меѓу редовните посетители е и 89-годишната Чен Пао-хер, која гордо раскажува дека може да крене 30 килограми.

„Луѓето ме прашуваат: ‘Бабо, навистина можеш толку?’, а јас им велам: ‘Секако дека можам!’“, раскажува таа низ смеа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот