ВИДЕО | Џони Деп се враќа во Холивуд како мрачниот Скруџ: Објавен првиот трејлер за „Ебенезер“
Студиото „Парамаунт“ го објави првиот трејлер за филмот „Ебенезер“, во кој Џони Деп ја толкува главната улога – познатиот празничен скржавец Ебенезер Скруџ. Ова е неговата прва голема холивудска улога по судскиот процес со поранешната сопруга Амбер Херд во 2022 година, пишува „Вараети“.
Препорачано
Филмот го режира Ти Вест, а е опишан како мрачна и поинаква верзија на класичната приказна „Божиќна песна“ од Чарлс Дикенс.
Во трејлерот Деп се појавува како Скруџ, кој е прогонуван од застрашувачките духови на Божиќ. Додека се соочува со суровите вистини од своето минато, неговиот лик е прикажан како огорчен човек кој ја шири својата лутина низ снежните улици и дури фрла снежни топки кон минувачите.
„Добро е што се вратив“, вели Деп како Скруџ во завршницата на трејлерот.
„Ебенезер“ претставува прв голем холивудски филм на Деп по долгиот и медиумски следен правен спор со Амбер Херд. Двајцата меѓусебно се обвинија за семејно насилство, а поротата подоцна утврди дека и двајцата биле одговорни за клевета во различни делови од случајот. Деп доби отштета од 10 милиони долари за надомест на штета и дополнителни 5 милиони долари казнена отштета, додека Херд доби 2 милиони долари за надомест на штета.
По спорот, Деп беше отстранет од улогата на негативецот Гринделвалд во третиот филм од серијалот поврзан со „Хари Потер“ – „Фантастични ѕверки: Тајните на Дамблдор“, а на негово место беше ангажиран Мадс Микелсен.
Во меѓувреме, актерот се појави во меѓународни продукции, меѓу кои „Минамата“ и „Жана ду Бари“, а го режираше и независниот филм „Моди: Три дена на крилото на лудилото“. Сега неговата филмска кариера повторно добива поголем замав со „Ебенезер“ и со претстојниот акциски трилер „Деј Дринкер“, каде ќе глуми покрај Меделин Клајн и Пенелопе Круз.
Во актерската екипа на „Ебенезер“ се и Андреа Рајсборо, Трамел Тилман, Ијан Мекелен, Руперт Гринт и Дејзи Ридли.
Режисерот Ти Вест, познат по хорор филмовите „Перл“ и „Максин“, на претставувањето на трејлерот на фестивалот „СинемаКон“ изјавил дека токму различните адаптации на „Божиќна песна“ биле меѓу неговите први средби со хорор жанрот.
Филмот „Ебенезер“ ќе пристигне во кината на 13 ноември.
ФОТО | Џони Деп лансира сопствен рум, името на пијалакот крие посебна приказна


