АУДИО | Се појави снимка која покажува дека Унгарија долго ги исполнувала желбите на Кремљ
Снимките од телефонските разговори меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров откриваат дека Будимпешта, во рамки на Европската Унија, долго работела во корист на интересите на Кремљ, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Во аудиоснимка првично објавена на „Инсајдер“ како дел од истражување на повеќе новинари и редакции, рускиот и унгарскиот министер за надворешни работи разговараат дали некој треба да биде отстранет од листата на санкции на Европската унија. Во разговорите, Сијарто се слуша како им пренесува доверливи детали од Брисел на Русите, обидувајќи се да ги отстрани руските имиња од списоците со санкции и нудејќи им помош за спасување на руските компании од европските санкции.
Сијарто, кој е министер за надворешни работи во владата на премиерот Виктор Орбан од 2014 година, објаснува дека редовно се координирал со неколку министри за надворешни работи од земји кои не се членки на ЕУ „за прашања поврзани со санкциите“.
„Добра работа! Тие докажаа дека јавно го кажувам истото што го кажувам и по телефон“, додаде тој за истражувачките новинари, велејќи дека „долго време“ е познато дека странските разузнавачки служби ги прислушуваат неговите телефонски повици.
Според новинарот Саболч Пањи, кого унгарските власти од пред некој ден го гонат за шпионажа, Сијарто и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пријателски разговараат.
Само еден час откако унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, пристигнал во Будимпешта од Санкт Петербург на 30 август 2024 година, тој добил телефонски повик од неговиот руски колега, Сергеј Лавров. Лавров вели дека Сијарто бил цитиран низ сите руски медиуми по неговата посета.
Лавров му се јавил и директно се префрлил на поентата дека рускиот олигарх Алишер Усманов сакал неговата сестра, Гулбахор Исмаилова, да биде отстранета од списокот на санкции на ЕУ.
„Слушај, се јавувам по барање на Алишер, а тој само ме замоли да те потсетам дека правиш нешто во врска со неговата сестра“, рече Лавров.
Сијарто одговара без многу двоумење и вели дека заедно со Словаците ќе поднесе предлог до Европската Унија да ја отстрани од листата, додавајќи:
„Ќе направиме сѐ што можеме за да ја отстраниме“.
Лавров му се заблагодарува за неговата „поддршка и борба за еднаквост во сите области“. Седум месеци подоцна, Исмаилова навистина беше отстранета од листата на санкции на ЕУ, наведува порталот.
Откако главната цел на разговорот била постигната, Лавров и Сијарто продолжуваат со разговор, критикувајќи го Жозеп Борел, тогашниот висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, кој за Лавров е „најголемо разочарување“, а Сијарто потценувачки го нарекува „европскиот Бајден“.
ВИДЕО | Сијарто призна дека му се јавувал на Лавров на паузите од клучните состаноци на ЕУ


