Ветерниот парк „Стипион“ во Штип ќе обезбеди 10 отсто од потребите на струја во државата

Ветерници/ Фото: Архива на Слободен печат

Изградбата на ветерниот парк „Стипион“ на локацијата на неизградениот карго аеродром во Штип, ќе обезбеди 10 отсто од потребите за струја на државата. Ова е една од четирите стратешки инвестиции, чија вкупна вредност е 786 милиони евра.

Компанијата инвеститор АКИО, како што изјави вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи, се грижела да не нанесе штета на земјоделците и се откажала од 160 хектари земјиште, а се преговара за уште 10 хектари плодно земјиште, кое не е приватно, туку го користат земјоделците од тој крај.

Мнозинството пратеници во Собранието дадоа зелено светло сите четири предлог- закони за стратешките инвестициски проекти да се донесат по скратена постапка. Со 58 гласа „за“ и 31 против законите го поминаа првиот собраниски филтер.

– За првпат се води сметка за плодното земјоделско земјиште и заедно со Универзитетот во Штип станува збор на регулатива за агроволтаици, за кои досега немаше законска подлога во државата. Инвестицијата на „Стипион“ е 270 милиони евра, а за првпат се вклучува развојна компонента, која не е закон, туку придонес, па така инвеститорот е должен да врати по едно евро во Општината од секој метар квадратен за подобрување на социјалната инфраструктура. Парите ќе одат во посебен фонд во Развојната банка, а општините ќе конкурираат за парите со свои проекти. Се очекуваат 2,5 милиони евра годишно од сите 4 стратешки инвестиции само по овој основ, рече Битиќи.

За фотоволтаичниот парк пак кој ќе се гради во Штип, Општината веќе ги завршила сите технички подготовки, а градоначалникот Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ чека „одобрение“ од своите сопартијци во Собранието, но неговиот лидер, Христијан Мицкоски е контра проектот, кој според градоначалникот ќе значи многу за градот Штип.

– Еве ако е толку паметно ова што го направила Владата, јас веднаш ќе кажам, сѐ ова што го зборувам досега го повлекувам, под истите услови нека даде француската Влада во Нормандија македонска инвестиција. Но, под истите услови. Ама ако е толку добро ова за Македонија, да направиме и ние Македонците нешто добро за Франција, изјави Мицкоски дебатата „Нов концепт за економски развој“ којашто се одржа во Велес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот