Вардар стана депонија – матен е, гнасен и преполн со ѓубре

Вардар / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

На прашањето дали Град Скопје и јавните претпријатија планираат некакво чистење на ѓубрето од Вардар, собрано на столбовите на мостовите, кај галиите и кај фонтаните во Вардар, оттаму одговараат дека опадот стигнува од населените места по течението на реката и е невозможно да се чисти секојдневно.

Матен, гнасен и преполн со ѓубре е Вардар, тоа е она што секојдневно го забележуваат скопјани кои се рекреираат покрај реката, но и гостите во градот кои ги има во голем број особено во овој период. Пловат по него пластични шишиња, гранки, крпи и секаков друг отпад, а покрај брегот се наталожени и големи количества тиња и наноси од кал и песок.

Ужасна е глетката со која секојдневно се соочувам затоа што редовно шетам на кејот. Не знам како се дозволува реката да е во ваква состојба. Ова е резултат на депониите по течението на реката, значи ѓубрето ние го правиме, граѓаните. Но каде се надлежните да реагираат, да контролираат, да казнуваат и на ниту еден несовесен граѓанин или сопственик на фирма да не му текне да се доближи до реката, а не пак да фрла отпад во неа – реагира скопјанец со кој поразговаравме покрај Вардар.

Вардар / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Состојбата ја влошуваат и објектите поставени во коритото на реката, галиите и фонтаните. „Пловечкото“ ѓубре се задржува на нив, фонтаните кај Камени мост се покриени со гранки и отпад, но тие и онака годинава не се во функција.

Вардар / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

На прашањето дали Град Скопје и јавните претпријатија планираат некакво чистење на ѓубрето од Вардар, собрано на столбовите на мостовите, кај галиите и кај фонтаните во Вардар, оттаму одговараат дека отпадот стигнува од населените места по течението на реката и е невозможно да се чисти секојдневно.

 Од првите населени места по изворот Вруток во континуитет се фрлаат големи количини пластичен смет, шут и кабаст отпад, кој по течението на Вардар пристигнува во градот Скопје кој невозможно е во Скопје да се чисти секојдневно. Ниту градот ниту пак на државно ниво години наназад немало до сега можност и ресурси за таков тип на секојдневно чистење бидејќи истото се врши со тешка механизација. Решението е во Државниот инспекторат за животна средина, кој потребно е да воспостави систем за детекција и санкционирање на сторителите на дела кои ги загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните, со што би се спречила трајно оваа појава и понатаму би се превенирало истиот отпад по течението на Вардар да продолжи и кон други населени места во Македонија – велат од Град Скопје.

Вардар / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Можеби отпадот во реката не може да се чисти секојдневно, но секако градските претпријатија можат да ги уредат косините на коритото, затоа што додека зеленилото на кејот е уредено и искосено, косините на коритото се обраснати со трева. Кога ќе се уредуваат и искосат, ги прашавме надлежните.

Минор коритото се коси повеќе пати во годината, но се внимава на периодот и обемот со цел заштита на животинскиот свет – тврдат од Градот.

Калта и шутот од Вардар ќе се чистат рачно и машински

Последната информација од ЈП „Паркови и зеленило“ за уредување, односно косење на зелениот појас на кејот е од пред еден месец, но тогаш немаше информација за косините на коритото.

Причинителите на состојбата во која се наоѓа реката се познати. Зошто тогаш надлежните во државата не преземаат ништо, зошто не се чистат дивите депонии по течението на Вардар и зошто не се казнуваат сторителите?

Од Град Скопје велат дека се грижат при косењето да се заштити живиот свет во реката. Добро е ако нешто успева да преживее во загадените и нечисти води на Вардар.

Вардар/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ
Вардар / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот