Калта и шутот од Вардар ќе се чистат рачно и машински

Наносите од кал, мил, гранки, комунален и градежен отпад, се само дел од причините поради кои во одредени делови од своето течение е забавен протокот на вода во реката Вардар, но и во коритата на нејзините притоки Лепенец, Треска и Серава. Во обид да се исчистат ваквите наноси што се предизвикани од природни непогоди, но и од несовесните граѓани, Град Скопје во соработка со ЈП „Улици и патишта“ и годинава ќе извршат чистење на коритото на Вардар и нејзините притоки, но и на отворените канали на подрачјето на градот Скопје во урбаниот дел.

– Одржувањето на минор коритото на реката Вардар се однесува на делот од новиот мост кај Сарај до железничкиот мост во Горно Лисиче. На територијата на речиси сите општини на Град Скопје егзистираат диви депонии. Депониите се повеќегодишни, со најразличен вид отпад и се наоѓаат на различни локации. По нивното расчистување, се планира Град Скопје во соработка со општините трајно да го спречи нивното обновување преку рекултивирање на просторот и оплеменување со зеленило- стои во Програмата за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки и отворените канали на подрачјето на Град Скопје и за расчистување на дивите депонии за 2021 година.

Планираните активности за одржување на минор коритото на реката Вардар, предвидено е да се реализираат во пет фази. Во првата фаза, односно во делот на рачното чистење, предвидено е да се исчистат косините на коритото, отстранување на нискостеблестата вегетација како што се грмушките, тревата, корењата и слично, како и рачно собирање на расфрланата пластична амбалажа. Чистењето во втората фаза ќе се реализира машински, а потоа во третата фаза е предвидено со помош на возило да се натоварат извадените отпадоци и да се транспортираат до соодветната локација односно на депонија. Веќе во четвртата фаза ќе бидат пополнети дупките и нерамнините во коритото. Во последната фаза, пак, ќе се изврши санирање на ѕиданите косини на речното корито.

Идентично како и чистењето на коритото на реката Вардар, предвидено е во неколку фази да бидат исчистени и речните корита на Лепенец, Треска и Серава.

– Одржувањето на отворените канали на подрачјето на Град Скопје е предвидено да се одвива преку рачно сечење на нискостеблеста вегетација, рачно чистење на земја и комунален отпад под мостовите и на локации каде не постојат можности за пристап на механизација и машинско чистење, машинско чистење на вегетацијата со кранска рака и машински ископ на наносен материјал, одлагање за негово просушување, машинско товарење и транспорт до 12 километри – стои во програмата во делот за Одржување на отворените канали на подрачјето на Град Скопје.

Финансирањето на Програмата ќе се врши од средства за таа намена, кои се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот