Валбуена беше уценуван, напаѓачот на Реал Бензема не се појави пред судот

Матје Валбуена ја напушта судницата на денот на отворањето на судењето/Версај, Франција/20 октомври 2021/Фото: EPA-EFE/IAN LANGSDON

Во Версај започна судењето против напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема и уште четири лица, кои се обвинети за уценување на соиграчот Матје Валбуена со секс снимка во 2015 година.

Судењето започна без Бензема, кој во вторникот со Реал Мадрид имаше натпревар од Лигата на шампионите против Шахтјор во Киев, а неговиот адвокат Антоан Веј го оправда отсуството со „професионални причини“, додавајќи дека случајот против неговиот клиент е „апсурден“.

Францускиот напаѓач, кој е еден од најголемите кандидати за „Златната топка“ оваа година е обвинет за учество во обид за уцена, и му се заканува затворска казна до пет години и парична казна од 75.000 евра.

Бензема, заедно со уште четири лица, наводно побарал од Валбуена меѓу 50 и 100 илјади евра за да не се објави спорното видео. Откако целиот случај заврши во медиумите во 2015 година, францускиот селектор Дидие Дешан ги исфрли двајцата од националниот тим. Валбуена после тоа не играше за националниот тим, додека Бензема повторно играше за актуелните светски шампиони на Европското првенство летово.

Обвинителите тврдат дека Бензема, кој постојано ги отфрла обвинувањата, го охрабрил Валбуена да им плати на уценувачите за да се држи сексуално експлицитната снимка далеку од очите на јавноста. Валбуена сведочеше пред судот за разговорот со уценувачот, велејќи дека е јасно дека повикувачот ги сака парите и дека обидот за уцена го оставил во страв за кариерата и местото во националниот тим.

– Отпрвин не можев да поверувам, мислев дека се работи за блеф, Не се зборуваше за сумата, но имаше закана од луѓе кои ми рекоа дека имаат нешто за мене. Чекав шест години и ќе одам до крај. Само Бензема не се појави на суд. Штета, но што да правам. Ќе останеме овде колку што е потребно – рече Валбуена за „РМЦ Спорт“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот