Илустративна фотографија за кафе за носење / Фото: Pexels

Скриен здравствен ризик во утринското кафе: Што се ослободува од картонските чаши?

Утринското кафе – навика или начин да се разбудиме за работниот ден? На пат кон работа или во канцеларија, многумина од нас купуваат кафе во чаша за еднократна употреба. Таа чаша на прв поглед делува безопасно, но најновите истражувања и анализи покажуваат сосема поинаква слика, пишува „Саенс алерт“.

Чашата за кафе најчесто е изработена од пластика или има тенка пластична облога. Поради тоа, постои голема веројатност илјадници ситни пластични фрагменти директно да се ослободат во напитокот.

Само во Австралија, секоја година се трошат околу 1,45 милијарди чаши за еднократна употреба за топли напици, заедно со приближно 890 милиони пластични капаци. На глобално ниво, оваа бројка се искачува на проценети 500 милијарди чаши годишно.

Истражувањето е објавено во научното списание „Џурнал оф Хазардус Матириалс Пластикс“ и се занимава со тоа како чашите за кафе се однесуваат при загревање.

Топлината е главниот двигател на ослободувањето микропластика, а материјалот од кој е направена чашата има клучна улога во овој процес.

Фото: Pexels

Што е микропластика?

Микропластиката се фрагменти со големина од еден микрометар до пет милиметри. За споредба, тие се движат од големина на честичка прашина до големина на зрно сусам.

Овие честички настануваат кога поголемите пластични предмети се распаѓаат, но можат и директно да се ослободуваат од производи за време на нивната вообичаена употреба. Така, тие завршуваат во нашата околина, храната и, на крајот, во нашите тела.

Во моментов не постојат конечни и прецизни докази за тоа колкаво количество микропластика останува во човечкото тело. Истражувањата на оваа тема се многу подложни на контаминација, поради што е исклучително тешко точно да се измери нивото на овие ситни честички во човечкото ткиво. Научниците и понатаму спроведуваат анализи за да утврдат како микропластиката од чашите за кафе може да влијае врз здравјето на луѓето во блиска иднина.

Потребни се уште истражувања, но во меѓувреме е важно да бидеме свесни за потенцијалните извори на микропластика во секојдневниот живот.

Фото: Pexels

Температурата е клучен фактор

Анализирајќи податоци од 30 рецензирани научни студии, истражувачкиот тим го набљудувал однесувањето на вообичаените видови пластика, како полиетилен и полипропилен, во различни услови. Еден фактор се издвоил како особено значаен – температурата.

Со зголемувањето на температурата на течноста во садот, вообичаено расте и количината на ослободена микропластика.

Интересно е што времето на задржување на пијалакот во чашата не се покажало како пресудно. Тоа значи дека оставањето на пијалакот подолго време во пластична чаша не е толку значајно колку почетната температура на течноста при првиот контакт со пластиката.

Користејќи истражувања со висока резолуција, научниците ги испитале внатрешните ѕидови на овие чаши и утврдиле дека целосно пластичните чаши имаат значително погруба површина, исполнета со врвови и вдлабнатини, во споредба со хартиените чаши со пластична облога.

Оваа погруба текстура го олеснува одвојувањето на честичките. Топлината дополнително го забрзува процесот, ја омекнува пластиката и предизвикува нејзино ширење и собирање, со што се создаваат повеќе површински неправилности кои на крајот се фрагментираат во пијалакот.

Фото: Pexels

Како да се управува со ризикот?

Не е неопходно целосно да се откажеме од утринската навика за консумирање храна и пијалаци за понесување, но можеме да го промениме начинот на кој ѝ пристапуваме за да го намалиме потенцијалниот ризик.

Кога станува збор за топли напици, најдобар избор се чаши за повеќекратна употреба изработени од нерѓосувачки челик, керамика или стакло, бидејќи овие материјали не ослободуваат микропластика. Доколку мора да се користат чаши за еднократна употреба, истражувањата покажуваат дека хартиените чаши со пластична облога, воопшто земено, ослободуваат помалку честички од целосно пластичните чаши, иако ниту една од нив не е целосно без микропластика.

Бидејќи топлината е клучен фактор за ослободување микропластика, се препорачува да се избегнува директно сипање врела течност во садови со пластична облога. Истражувачите советуваат кафето кратко да се излади пред да се сипе во чашата, со што се намалува физичкиот притисок врз материјалот и вкупната изложеност на микропластика.

Што се случува со крвниот притисок ако пиете кафе секој ден?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот