Утре генерален штрајк на јавниот сектор: Половина Влада дојде во ССМ, но не се договорија

Принтскин: МИА

Дел од вработените ќе работат за да внимаваат на безбедноста и на здравјето на граѓаните

Јавниот сектор утре стапува во генерален штрајк, сè до исполнување на синдикалното барање за линеарно зголемување на нето-платите по 2.806 денари, што би било законско усогласување со растот на минималната плата што се зголеми токму за тој износ – од 15.194 денари на 18.000. ССМ најавува и дека симболично, утре во 10 часот, пред Собранието ќе постави 120 празни столчиња, а задутре пак, пред Владата 21 столче, со што, како што велат, им порачуваат на пратениците и на претставниците на Владата дека ако не ги претставуваат интересите на работниците, да ги испразнат столчињата.

– Ќе штрајкуваат управата, правосудството, здравството, МВР, јавните и комуналните претпријатија и други, односно сите што ги опфаќа Општиот колективен договор за јавниот сектор. На штрајк се поканети сите од јавниот сектор, кои не го добија покачувањето што им следува, но поканети се и тие на кои се зголемиле платите за поддршка на своите колеги – објасни за „Слободен печат“ Иван Пешевски од ССМ.

Од ССМ велат дека итните случаи и работите што се неопходни за да не се загрози здравјето, животот и личната сигурност на вработените и на граѓаните, ќе ги одржуваат 10 проценти од вработените.

Инаку, во претпладневните часови половина Влада седна на преговарачка маса со претставниците на ССМ. На состанок дојдоа вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Пешевски го оценува состанокот како неуспешен.

– Од Владата се обидоа да купат време. Нè убедуваа дека треба да разговараме за одржлив модел, односно за нова методологија за утврдување на платите. Ние немаме толку време. Инфлацијата е голема. Сега мора да делуваме, а потоа може да преговараме и за некаков нов модел за плати – вели Пешевски.

Од ССМ се крајно разочарани што во ребалансот на Буџетот всушност не се споменати пари за зголемување на платите во јавниот сектор и потенцираат дека останува и нивното барање за регрес за годишен одмор во јавниот сектор од 2023 година.

Инаку, завчера на седница на Комисијата за финансирање и буџет не помина амандманот на ССМ предложен преку ВМРО-ДПМНЕ во ребалансот на Буџетот да се обезбедат средства за линеарно покачување на платите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот