УНХЦР: Над 200.000 луѓе избегале од Либан во Сирија од почетокот на војната
Повеќе од 200.000 луѓе, од кои огромното мнозинство се Сиријци, ја преминале границата меѓу Либан и Сирија од почетокот на војната меѓу Израел и Хезболах на почетокот на март, објави Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).
Препорачано
„Речиси еден месец по интензивирањето на непријателствата во Либан, Сирија се соочува со забележително зголемување на бројот на лица што ја преминуваат границата од Либан. Помеѓу 2 и 27 март повеќе од 200.000 лица влегле во Сирија преку три официјални премини“, изјави Асер ал-Мадаиен, привремен претставник на УНХЦР во Сирија, на видеоконференција од Дамаск.
„Овие бројки се дадени од властите и потврдени од нашите колеги на теренот“, додаде таа објаснувајќи дека „огромното мнозинство“ од тие луѓе, односно „речиси 180.000 се Сиријци“, особено сириски бегалци, кои избегаа од земјата и најдоа засолниште во Либан и сега повторно се принудени да бегаат.
„Сириската граница исто така ја преминаа и над 28.000 Либанци. Повеќето бегаат од интензивното израелско бомбардирање. Тие пристигнуваат исцрпени, трауматизирани и со малку работи“, додаде претставничката на УНХЦР.
Проиранскиот Хезболах на 2 март го вовлече Либан во регионална војна кога почна напад врз Израел како одмазда за израелско-американските напади во кои беше убиен врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи.
Нови загуби за Израел – четворица војници загинаа во борбите во Либан
За време на граѓанската војна во Сирија, што во 2011 година почна како народно востание против репресијата на режимот на Башар ал-Асад, Либан прими повеќе од еден милион сириски бегалци. Повеќе од половина милион од тие бегалци се вратија во Сирија по падот на Асад кон крајот на 2024 година.
УНХЦР соопшти дека бројот на луѓе што бегаат од Либан во Сирија би можел да достигне 300.000 до 350.000 луѓе, што во голема мера ќе зависи од понатамошниот развој на настаните.
„Многу семејства кои се враќаат опишуваат мешавина од тешкотии и неизвесност. Како што ми рече еден сириски татко кој избегал од Либан по силно гранатирање пред неколку дена, тие се вратија во Сирија – нивната татковина – откако поминале низ толку многу страдање. Сега само се надеваат дека ситуацијата тука ќе биде подобра. Мора да останеме покрај нив за да помогнеме да се одржи нивното враќање и реинтеграција, како што правиме за поддршка на повеќе од 3 милиони Сиријци – бегалци и внатрешно раселени лица – кои доброволно се вратиле дома од декември 2024 година“, соопшти УНХЦР.
Од УНХЦР посочуваат дека ќе продолжат да ја зајакнуваат помошта и заштитата како што растат потребите, работејќи тесно со властите и партнерите за поддршка на луѓето кои сега се враќаат дома во тешки услови.
„Но, операцијата на УНХЦР во Сирија е финансирана со помалку од 30 проценти од потребните речиси 324 милиони долари за 2026 година, и затоа повикуваме на итна поддршка“, стои во соопштението.


