Улица „Македонија“ годинава заборавена од Град Скопје, ќе светат празнично само украсените кафулиња
Од Градот не одговараат и зошто до денеска освен плоштадот не се накитени и околните улици, иако според договорот со фирмата „Линк медиа плус“, која е избрана за реализација на овој проект, украсувањето на сите локации предвидени во тендерот требаше да заврши до 15 декември.
За првпат годинава улицата „Македонија“ нема да светне празнично и единствено накитените кафулиња ќе ја доловуваат новогодишната атмосфера на овој простор. Иако оваа улица е една од најпосетените од туристите кои доаѓаат во главниот град, но и од самите жители, Град Скопје не ја вклучи во јавниот оглас за украсување. Зошто е тоа така оттаму, до овој момент, нема одговор.
Препорачано
Од Градот не одговараат и зошто до денеска освен плоштадот не се накитени и околните улици, иако според договорот со фирмата „Линк медиа плус“, која е избрана за реализација на овој проект, украсувањето на сите локации предвидени во тендерот требаше да заврши до 15 декември. Тоа значи дека допрва треба да се украсуваат улиците Даме Груев, Димитрија Чуповски, 11 Октомври, булевар ВМРО, улицата Филип Втори на потегот од Градска болница до ТЦ „Мавровка“, потоа булеварот Гоце Делчев од раскрсница кај Судска Палата до булеварот ВМРО, како и потегот од „Тифани“ до Соборен храм на Партизански одреди.
Градот молчи и за тоа зошто ќе се украсуваат само улици во најтесното централно подрачје, иако скопјани не живеат само во центарот на градот, а сакаат да почувствуваат празнично расположение во својата околина. Без украси ќе биде и Илинденска, освен просторот пред Влада, Партизанска до Ѓорче, булеварите Борис Трајковски и Александар Македонски, како и многу други простори во градска надлежност.
Нема одговор ниту на прашањето чија е идејата за изгледот на елката поставена на плоштад која во изминатите три дена предизвика безброј реакции на социјалните мрежи.
Додека некои граѓани се задоволни од годинешната новогодишната елка, други споделуваа најразлични шеги.
„Становите на елката на продажба ли се?“, „Елка со уши“, „Оригиналната е во Вилнус, нашава е од Тему“, се само дел од коментарите на граѓаните.
Годинешното новогодишно украсување Градот го чини околу 70 000 евра. Според градоначалникот Ѓорѓиевски тоа е помалку отколку што чини украсувањето во други европски градови, па дури и помалку од украсувањето во некои општини во Македонија.
ФОТО+ВИДЕО | Стотици скопјани чекаа свечено да се осветли елката на плоштадот „Македонија“
Но, минатата година градоначалничката Данела Арсовска се фалеше дека за украсување се потрошени само 30.000 евра, иако за време на нејзиниот мандат никогаш не се дозна како и кој го украсуваше Скопје. Таков јавен оглас никогаш не беше објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, ниту на официјалниот сајт на Град Скопје.
Пред неа, ексградоначалникот Петре Шилегов трошеше многу од градскиот буџет за на скопјани да им приреди убаво новогодишно доживување и забавна програма. И во неговиот мандат украсуваше истата фирма, но тоа чинеше од 150 илјади евра за дочекот на 2018 година до 200 илјади евра за украсувањето пред Новата 2021 година, кога во време на корона освен тоа немаше никаква друга програма.
Најскапо беше китењето во пресрет на 2020 година кога за новогодишното украсување беа потрошени 270.000 евра, а за „Винтерленд“ 97.000 евра. На заедничкиот пречек на плоштадот граѓаните ги забавуваше Дино Мерлин.


