Украина бара оружје за да спречи нова светска војна

украински војници украина киев
Украински војници на источниот фронт во Киев / EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Доставете ни го сето неопходно оружје. Воведете уште повеќе санкции за Русија и изолирајте ја целосно. Помогнете ѝ на Украина да го притисне Путин во неуспех и така ќе избегнете уште поголема војна, изјави шефот на украинската дипломатија

Украинските власти им порачаа на западните партнери да им дадат воена помош, а не да се воздржуваат од вклучување во конфликтот, ако сакаат да избегнат нова светска војна.

– Украина возвраќа успешно. Потребни сте ни да ни помогнете да се бориме. Доставете ни го сето неопходно оружје. Воведете уште повеќе санкции за Русија и изолирајте ја целосно. Помогнете ѝ на Украина да го притисне Путин во неуспех и така ќе избегнете уште поголема војна – изјави шефот на украинската дипломатија Дмитри Кулеба.

Руското ракетирање на украинска воена база на самата граница со Полска, европските лидери го оценија како провокација и повикаа на воздржаност за да не се вовлече НАТО во директен судир со Русија и да се избегне нова светска војна.

– Ние правиме сѐ што треба да не го заоструваме конфликтот. Русија е нуклеарна сила и ние сме многу свесни дека ако овој конфликт се претвори во конфликт на НАТО против Русија, тогаш ќе добиеме Трета светска војна – изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“.

И полскиот претседател Анджеј Дуда предупреди сите дека  НАТО „мора да дејствува трезвено и внимателно за да не избие Трета светска војна“.

– НАТО очигледно не е во војна бидејќи тоа може да значи Трета светска војна. НАТО мора да дејствува трезвено и претпазливо. Рускиот претседател Владимир Путин исто така дејствува претпазливо. Имајте предвид дека тој не ја напаѓа западна Украина, таму нема руски војници. Ситуацијата во Студената војна се враќа, кога двете страни стравуваа од инцидент што ќе доведе до целосен конфликт – изјави полскиот претседател откако руски ракети ја погодија украинската база што е само десет километри оддалечена од територијата на неговата земја.

Полскиот претседател оцени дека „од воено-политички аспект, Украинците веќе победиле во војната со Русија“.

– Ако го споредиме она што го знаеме за руската и украинската армија, ова не требаше да трае подолго од два или три дена. Благодарение на храброста, решителноста и искуството на Украинците, тие сепак успеаја да ги спречат Русите. Имаат политичка, материјална и морална поддршка, но тие самите се борат. НАТО не е во војна, тие се борат – рече полскиот претседател.

Во Украина и вчера продолжија руските напади, особено врз Мариупол и врз Киев.

Заменик-градоначалникот на Мариупол Серхиј Орлов изјави дека гранатирањето и бомбардирањето практично и не запираат, а зачестиле и уличните престрелки. Во овој град на југот на Украина веќе две недели се блокирани неколку стотици илјади цивили, кои не можат да се евакуираат низ небезбедните коридори, а немаат доволно храна и вода за да преживеат во засолништата. Се проценува дека во Мариупол веќе загинале повеќе од 2.500 цивили, но невозможно е да се потврди тој биланс.

– Хуманитарната криза и геноцидот продолжуваат – изјави Орлов.

Три дена по гранатирањето на родилиштето во Мариупол, во саботата починале уште една жена и нејзиното бебе. Лекарите со итна операција се обиделе да ги спасат, но починале и мајката и бебето.

Во Киев, пак, едно лице загинало при бомбардирање станбена зграда во предградието Оболон. Деветкатницата пламнала, но пожарникарите успеале да евакуираат 63 жители и да спасат 15 ранети станари.

Само неколку часови подоцна уште едно лице загинало и шест биле повредени од распрснати остатоци од руски проектил. Противвоздушната одбрана успеала да го собори проектилот, но шрапнелите се распрснале во квартот Куренивка, целосно уништиле празен автобус и предизвикале пожар во зграда.

Украинските сили ја зајакнуваат одбраната на Киев очекувајќи уште пожестоки напади и директни судири кога руските сили целосно ќе го опколат главниот град. Властите се надеваат и дека битката за Киев може да биде избегната со преговори. Дури на четвртата рунда од преговорите, која се одржа преку видеоврска, украинската страна првпат изрази надеж дека е можен напредок што би го стивнал оружјето.

Михаило Подолјак, преговарач и советник на претседателот Володимир Зеленски, изјави дека барањата на Киев се јасни – да се воспостави прекин на огнот и да се повлечат руските трупи, а дури потоа да ѝ се дадат безбедносни гаранции на Украина и да се разговара за нејзините односи со Русија.

Преговарачот Ихор Жовхва, пак, изјави за Би-би-си дека позицијата на Русија била „поконструктивна“ отколку на претходните три средби.

– Наместо да ни дадат ултиматум, да ни нацртаат црвени линии или да бараат Украина да капитулира, тие сега се чини дека почнаа со конструктивни преговори – изјави Жовхва, без да наведува детали.

Кремљ, пак, не се откажува од намерата да ја преземе контролата врз украинските градови и истакнува дека „војската дејствува претпазливо за да се избегнат цивилни жртви во големите населени места, вклучувајќи го и Киев“.

– Министерството за одбрана, настојувајќи да обезбеди максимална безбедност за мирното население, не ја исклучува можноста за преземање целосна контрола врз големите населени центри, со исклучок на зоните што се користат за хуманитарни евакуации – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тоа се толкува како најава за копнена офанзива на руските сили врз Киев и врз другите големи градови во Украина. Песков вчера додаде дека „уличните борби секако ќе резултираат со многу загинати цивили“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот