БТС / Фото: EPA-EFE/JEON HEON-KYUN

Туристички бум – враќањето на к-поп сензацијата „БТС“ енормно го зголеми бројот на туристи во Јужна Кореја

Враќањето на јужнокорејската поп сензација „БТС“ значително влијаело врз порастот на бројот на туристи во Јужна Кореја, а според официјалните податоци, најбројни се посетителите од Кина, пренесува „Индепендент“.

Компанијата „Хана Кард“ процени дека странските посетители кои присуствувале на концертите на групата потрошиле околу 37,7 милиони долари во периодот од јануари до април, со просечна потрошувачка од 1.260 долари по посетител. Според нивните податоци, странските државјани кои купиле билети за концертите потрошиле околу 55,5 милијарди вони во земјата во периодот од 1 јануари до 12 април, со просечна потрошувачка од 1,85 милиони вони по лице.

Групата годинава одржа повратнички концерти во главниот град Сеул и започна светска турнеја по паузата поради задолжителното служење воен рок на членовите, што дополнително го зголеми интересот кај странските туристи и потрошувачката во земјата.

Јужна Кореја во март забележа рекорден раст на странскиот туризам, со 2,06 милиони меѓународни посетители, што претставува највисоко месечно ниво досега. Овој пораст, поттикнат од доаѓањата од Кина и враќањето на популарната група, придонесе за рекорден прв квартал со вкупно 4,76 милиони посети, што е зголемување од 23 отсто во споредба со истиот период лани.

Најголем удел имаат туристите од Кина со 1,45 милиони посетители, што е раст од 29 отсто. Следуваат туристите од Јапонија со 940.915 посетители, што претставува зголемување од 20,2 отсто, додека бројот на посетители од Тајван пораснал за 37,7 отсто и достигнал 544.503.

Покрај главниот град, значителен раст бележат и регионалните аеродроми, каде бројот на странски пристигнувања се зголемил за 49,7 отсто. Воедно, се зголемил и уделот на туристи кои патуваат надвор од Сеул и неговата околина, достигнувајќи 34,5 отсто, во споредба со 31,3 отсто една година претходно.

Овој туристички бум се одразил и врз потрошувачката, при што плаќањето со странски кредитни картички пораснало за 23 отсто, достигнувајќи 3,21 трилиони вони во првиот квартал.

Групата, која има голема заслуга за глобалната популарност на корејската поп музика, во март објави нов албум со наслов „Ариранг“, по паузата од 2022 година кога членовите ги ставија активностите во мирување поради воената служба. Тие одржаа повратнички концерт во центарот на Сеул, по што ја започнаа светската турнеја, а аналитичарите предвидуваат дека продажбата на билети би можела да достигне до 2,7 трилиони вони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот