Илустрација / Фото: Freepik

Три вкусни салати за Велигден – совршен додаток на празничната трпеза

Велигден подразбира богата трпеза, а покрај главните јадења, салатите играат важна улога во секој празничен оброк, а овие рецепти за три брзи салати се вистински избор.

Доколку немате многу време за подготовка, а сакате вашата празнична трпеза да изгледа богато и примамливо, овие мрсни салати се идеално решение. Брзо се подготвуваат, полни со вкус и одлично одат со месо, а воедно носат разновидност што ќе го задоволи сечиј вкус.

Пилешка салата со кикирики

Оваа салата е богата, кремаста и исклучително заситувачка, а комбинацијата од пилешко, кикирики и сусам ѝ дава полн и заокружен вкус. Таа е идеален избор за празнични оброци, но и како конкретен оброк кој лесно се подготвува однапред. Благата зачинетост на сенфот и крцкавите додатоци ја прават особено интересна уште од првиот залак.

Состојки:

– 350 г пилешко филе
– 200 г павлака
– 150 г мајонез
– 100 г печени кикирики
– 100 г сусам
– 1 лажичка сенф
– 4-5 кисели краставички
– сол по потреба

Подготовка:

Сварете го пилешкото филе во малку посолена вода, потоа оставете го да се олади и исечете го на мали коцки. Пржете го сусамот кратко време во суво тавче, на умерена температура, само додека не добие малку златна боја, важно е да не го изгорите, за да не стане горчлив. После тоа, оставете го да се олади.

Издробете ги кикириките во блендер или ситно исечкајте ги со нож, во зависност од саканата текстура. Ситно исечкајте ги киселите краставички.

Во голем сад, измешајте го пилешкото, павлаката, мајонезот, сенфот, кикириките, краставиците и изладените семки од сусам. Измешајте сè нежно додека не добиете еднолична, кремаста салата. Доколку е потребно, додадете сол, ако користите веќе посолени печени кикирики, додадете сол многу внимателно.

Салатата е уште повкусна кога ќе отстои во фрижидер некое време. Може да се сервира како предјадење, прилог или самостојно јадење со парче свеж леб.

Брза салата со шунка и сирење

Оваа салата е вистински пример за едноставност и домашен вкус. Брзо се подготвува, состојките се лесно достапни, а резултатот е кремаста и освежителна салата што совршено оди со разни јадења или како лесно предјадење.

Состојки:

– 400 г сирење
– 6 лажици павлака
– 300 г шунка
– 4 кисели краставички
– 1 китка магдонос

Подготовка:

Ситно исечкајте ја шунката и киселите краставички, а ситно исечкајте го и магдоносот. Во посебен сад измешајте го сирењето и павлаката, а потоа матете со вилушка или лажица додека не добиете компактна смеса.

Додадете ја исечканата шунка, краставиците и магдоносот и добро измешајте сè додека состојките не се рамномерно распоредени.

Салатата е најдобра кога ќе се остави во фрижидер кратко време, но може да се сервира и веднаш. Одлична е како намаз, прилог или брзо предјадење за ненајавени гости.

Кремаста салата со печурки

Едноставна, но исклучително вкусна, кремаста салата со печурки може да се сервира топла или ладна. Пријатно е заситувачка, но не е тешка и често е избор на оние кои сакаат благи, заокружени вкусови. Брзо се подготвува и лесно се прилагодува на различни пригоди.

Состојки:

-300 г печурки
-1 мала главица кромид
-2 варени јајца
– 2–3 лажици мајонез
– 2 лажици павлака
– малку маслиново масло
– сол и бибер по вкус

Подготовка:

Исчистете ги и ситно исечкајте ги шампињоните. Пржете го ситно исечканиот кромид во малку маслиново масло додека не стане стаклест, потоа додадете ги печурките и динстајте на тивок оган додека не го испуштат и испари вишокот течност.

Тргнете од оган и оставете ги целосно да се изладат. Исечете ги варените јајца на мали коцки, потоа измешајте ги со изладените печурки. Додајте мајонез и павлака, сол и бибер по вкус и нежно измешајте сè.

Многу е важно печурките да се изладат пред да се измешаат со мајонез и павлака, за да не стане течна салатата. Оваа салата е одлична и како прилог и како намаз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот