Три милиони евра за жртвите од „Рибникар“ — родителите на убиецот немаат толку пари, имотот им е замрзнат, автомобилот продаден
Детето-убиец од основното училиште „Владислав Рибникар“ и неговите родители, Владимир и Миљана Кецмановиќ, ќе мора да исплатат околу 2,93 милиони евра обештетување на семејствата на убиените деца, на наставничката Татјана Стевановиќ и на двајца ранети ученици од масакрот – иако останува неизвесно дали семејството ќе може да ја исполни оваа обврска, пишува „Мондо“
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Кон крајот на минатата година, Вишиот суд во Белград донесе пресуда со која убиецот, неговите родители и основното училиште „Владислав Рибникар“ се обврзани солидарно да им исплатат 2,93 милиони евра на 27 членови на семејствата на убиените ученици, како надомест за нематеријална штета поради претрпени душевни болки од загубата на близок.
Донесени се уште три пресуди за плаќање отштета
Во мај 2025 година судот донесе уште една пресуда, во корист на ранетата наставничка по историја Татјана Стевановиќ, која тужеше против Миљана и Владимир Кецмановиќ. Судот ги задолжи обвинетите солидарно да ѝ исплатат 59.000 евра како надомест за физички болки, страв, душевни последици и телесно обезличување, со законска камата од денот на пресудата.
Во друга постапка, судот делумно го уважи тужбеното барање на помлада жртва на нападот. Обврзани се Коста Кецмановиќ, неговите родители и училиштето да му исплатат околу 26.500 евра обештетување за душевни и физички болки, страв и трајни последици од нападот.
По 100.000 евра отштета добија четворица родители кои изгубија дете во масакрот во „Рибникар“
На 5 ноември 2025 година, Вишиот суд во Белград донесе уште една пресуда – овој пат во корист на родителите на убиената Адриана Дуќиќ, ученичка од истото училиште. Судот ги задолжи Коста К., Миљана и Владимир Кецмановиќ и училиштето да исплатат на семејството вкупно повеќе од 340.000 евра, односно по околу 85.500 евра на секој од тужителите – Дане Дуќиќ, Биљана Пауновиќ и нивните две деца. Дополнително, сите обвинети мора да им исплатат и по околу 14.700 евра на секој тужител за претрпен страв.
Во наредниот период се очекува уште една пресуда, по тужба на еден од ранетите ученици, чијшто процес заврши вчера.
Доколку семејството Кецмановиќ не ги исполни финансиските обврски, нивниот имот, кој моментално е замрзнат за време на судските постапки, ќе биде ставен на извршување и продажба.
Каков имот поседува семејството Кецмановиќ?
Според податоците на српските медиуми, Владимир Кецмановиќ, таткото на убиеното дете, поседува стан од 87 метри квадратни на Савски венец и автомобил „Мерцедес“ од 2005 година. Неговата сопруга Миљана Кецмановиќ поседува стан од 47 квадрати со паркинг кај Вуков споменик, половина стан на Врачар од 57 квадрати, половина стан на Звездара од 91 квадрат, како и половина удел во семејна куќа и помошен објект во Ниш и околу 25 ари земјиште во Ниш и околината на Параќин.
На двајцата им е забрането располагање со пари на сите банкарски сметки, а им се одземени и готовина и хартии од вредност, иако точниот износ не е познат.
Според проценки, вредноста на нивните најскапи недвижнини изнесува околу 700.000 евра, што е за околу 100.000 евра повеќе од проценката на нивната адвокатка. Во оваа сума не е вклучена вредноста на земјиштето и имотот во Ниш и Параќин.
Автомобилот „Фиат“, сопственост на Миљана Кецмановиќ, бил продаден во декември 2024 година на втора јавна аукција, откако таа не ја платила сумата од околу 11.900 евра, одредена со привремена мерка за замрзнување на нејзиниот имот до завршување на сите судски постапки против неа и нејзиниот сопруг.
Наставничка од „Владислав Рибникар“ сведочи на судењето за масовното убиство


