Три медали за македонските кикбоксери на Европското првенство за кадети и јуниори

Македонската кикбокс репрезентација учествуваше на Европското првенство за кадети и јуниори во Истанбул, Турција со шест кикбоксери. На овој престижен кикбокс натпревар учествуваа дури 1640 натпреварувачи од 38 европски држави.
– Агенцијата за млади и спорт секогаш стои зад успешните, особено младите спортисти и ќе биде ветер во грб за нивна поддршка и високи остварувања и во сениорска конкуренција – истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Нашата кикбокс репрезентација се врати со освоени три медали, два сребрени и еден бронзен.
Во финалната борба, Силвио Мировски загуби од грчкиот натпреварувач, Ефстахиадис Христос и остана без посакуваниот златен медал, задоволен со среброто, бидејќи во полуфиналето и во финалето Силвио се бореше против двајца светски шампиони.
Младата македонска кикбоксерка Марија Димовска, член на кик бокс клубот Енерџи од Битола е новата европска јуниорска вицешампионка, донесувајќи и на Македонија сребрен медал.
Димовска во финалето на првенството загуби од Србинката Соња Вуксиќ. Туркер Исмаил, пак, се закити со бронзен медал на шампионатот откако во полуфиналето загуби од Украинецот Никита Тертишњи 0:3.