Трамп ја избриша сликата во која е како Исус, се правда оти сакал да каже: „Јас сум како доктор“
Сега веќе избришаната слика го прикажуваше Доналд Трамп облечен во бела наметка, со светлечка рака на челото на болен човек, што критичарите го споредија со религиски слики на кои Исус ги лекува немоќните.
Соочен со сè поголем отпор, американскиот претседател Доналд Трамп изгледа ја избришал контроверзната објава на „Трут сошал“ на која е прикажан како фигура слична на Исус, објави „Би-би-си“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Сликата, генерирана со вештачка интелигенција, на која Трамп изгледа како да лекува болен човек во болнички кревет, предизвика жестоки реакции од двете страни на американскиот политички спектар, вклучително и од некои од неговите најголеми поддржувачи.
Објавата се појави само неколку часа откако Трамп постави долга порака во која го критикува папата Лав 14, гласен критичар на американската и на израелската воена операција во Иран.
Трамп призна дека ја објавил сликата, кажувајќи им на новинарите дека мислел оти тоа е „јас сум како доктор“.
Папата му одговори на Трамп: Не се плашам, мојата мисија е мирот
Сега веќе избришаната слика го прикажуваше Трамп облечен во бела наметка, со светлечка рака на челото на болен човек, што критичарите го споредија со религиски слики на кои Исус ги лекува немоќните.
Во позадината на сликата се гледаат Статуата на слободата, големо американско знаме што се вее, борбени авиони и орел, како и медицинска сестра, жена која се моли и лице што наликува на војник во униформа.
Говорејќи пред новинарите неколку часа по нејзиното отстранување, Трамп рече дека верува оти сликата го прикажува како доктор покрај работник на Црвениот крст.
– Треба да претставува доктор што им помага на луѓето да оздрават. А јас навистина ги правам луѓето подобри. Ги правам многу подобри – рече тој.
Критиките кон сликата стигнаа бргу, вклучително и од личности што се сметаат за блиски до Трамп и на неговата администрација.
„Ова треба веднаш да се избрише. Нема контекст во кој ова е прифатливо“, напиша Шон Фојхт, христијански активист кој работи на серија верски настани по повод 250-годишнината од американската Декларација за независност оваа година.
Рајли Гејнс, позната конзервативна активистка, напиша дека „Бог не смее да биде исмејуван“.
Голем дел од критиките дојдоа и од американски медиуми со верска ориентација.
„Ова оди предалеку. Ја преминува линијата. Поддржувач може да ја поддржува мисијата и во исто време да го отфрли ова“, напиша Дејвид Броди, новинар на христијански медиум.
Контроверзната слика беше објавена помалку од еден час по друга објава на американскиот претседател, во која го критикува папата, нарекувајќи го „слаб кон криминалот“ и „ужасен за надворешната политика“.
Папата Лав, првиот американски папа, повеќепати ја осуди војната во Иран, велејќи дека таа довела до „апсурдно и нечовечно насилство“.
Папата денеска изјави дека „не се плаши“ од администрацијата на Трамп ниту од тоа „гласно да ја изговори пораката на Евангелието, што верувам дека е она што сум тука да го правам“.
Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, Трамп не се извини.
– Папата Лав кажа работи што се погрешни. Тој беше силно против тоа што го правам во однос на Иран, а не смее да има нуклеарен Иран. Папата Лав не би бил задоволен од крајниот исход – рече тој.
Сликата генерирана со вештачка интелигенција е далеку од првиот случај во кој објавите на Трамп на „Трут сошал“ предизвикале критики.
Во февруари, на неговиот профил беше објавен расистички клип во кој Барак и Мишел Обама беа прикажани како мајмуни, а подоцна беше отстранет.
Белата куќа првично го бранеше клипот како „интернет меме-видео“ и им порача на критичарите да „престанат со лажното згрозување“.
Но, по жестоките реакции, вклучително и од неколку републикански сенатори, објавата беше избришана, а претставник на Белата куќа рече дека член на персоналот ја објавил „по грешка“.
Мелони умерено го поддржа папата, опозицијата ѝ скокна, па директно го осуди Трамп за навредите


