Папата му одговори на Трамп: Не се плашам, мојата мисија е мирот
Папата Лав четиринаесетти денеска ги отфрли острите критики што американскиот претседател Доналд Трамп ги упати на негова адреса по изјавите за војната на САД и Израел во Иран, порачувајќи дека повиците на Ватикан за мир и помирување се длабоко вкоренети во Евангелието и дека тој не се плаши.
Препорачано
Нема да влегувам во дебата. Работите што ги кажувам сигурно не се наменети како напади врз никого. Пораката на Евангелието е многу јасна: блажени се миротворците, рече папата Лав.
Тој додаде дека не се срами да ја објави пораката на евангелието и да ги покани сите луѓе да бараат начини за градење мостови на мир и помирување и да бараат начини да се избегне војната секогаш кога е можно.
Одговарајќи им на другите репортери тој посочи дека не се плаши од администрацијата на Трамп.
Претседателот Доналд Трамп упати необичен напад врз папата Лав четиринаесетти, велејќи дека не мисли дека водачот на католичката црква, роден во САД, „работи многу добро“, објави „Гардијан“. Трамп смета дека папата е „многу либерална личност“, а истовремено сугерираше дека папата треба „да престане да ѝ служи на радикалната левица“.


