Научниците алармираат — oпасен вирус што се пренесува преку комарци може да се прошири во Европа
Растот на глобалните температури би можел да ги прошири местата за размножување на комарците и да го зголеми ризикот од ширење на вирусот чикунгунија низ целиот свет, покажува новото истражување објавено во научниот магазин „Frontiers in Cellular and Infection Microbiology“.
Препорачано
Студијата ја спровеле кинески научници, а резултатите покажуваат дека дури 139 земји и региони денес се наоѓаат во зоната на ризик за чикунгунија – вирусна болест што ја пренесуваат комарци. Тоа подрачје вклучува околу 21,3 отсто од копнената површина на планетата, пишува „Еуроњуз“.
„Покажуваме дека, според климатските модели, вирусот дополнително ќе се шири кон север, особено во североисточна Северна Америка, централна Европа и источна Азија“, рекол еден од авторите на истражувањето, Је Су.
Климатските промени го менуваат однесувањето на комарците
Чикунгунија десега најчесто го пренесуваше комарецот Aedes aegypti, познат и како „комарец жолта треска“, вид што напредува во тропските урбани области. Меѓутоа, во последниве години, климатските промени и зголемената мобилност на населението го поттикнаа ширењето на комарци што носат болести, но и новите варијанти на самиот вирус.
Во текот на големата епидемија на чикунгунија во Индискиот океан во 2005 и 2006 година, научниците забележале мутација на вирусот што му овозможила подобра прилагоденост на другиот вид комарец – азискиот тигрест комарец.
„Бидејќи тој комарец подобро ги поднесува постудени услови од Aedes aegypti, затоплувањето би можело да му овозможи населување во области кои претходно биле премногу ладни. Кога соодветни видови комарци ќе се одомаќинат во новите области, се зголемува и можноста за локален пренос на чикунгунија“, објаснил еден од авторите на студијата Јанг Ву.
Истражувачите утврдиле и дека повисоките температури го забрзуваат развојот на вирусот во комарецот. На температури помеѓу 18 и 28 степени Целзиусови, вирусот станува подготвен за пренос четири до пет пати побрзо, што го зголемува ризикот од епидемии.
Европа и Северна Америка меѓу идните жаришта
Научниците предупредуваат дека чикунгунија станува глобална закана за здравјето. Локален пренос на болеста е веќе регистриран во 114 земји, ставајќи повеќе од три четвртини од светската популација во потенцијален ризик.
Стапката на смртност се проценува на околу 1,3 случаи на 1.000 заразени, а болеста годишно предизвикува губење на околу 284.000 години здрав живот, показател што се користи за мерење на последиците од болестите и инвалидитетот.
За да го проценат идното ширење на болеста, истражувачите анализирале десетици илјади геолокациски податоци за присуството на вирусот и два вида комарци – преносители низ целиот свет.
Врз основа на 16 климатски сценарија што ги развил Меѓувладиниот панел за климатски промени, тие процениле како подрачјата поволни за ширење на болести би можеле да се променат до 2100 година.
Без оглед на сценариото, централните делови на Европа, североисточна Северна Америка и источна Азија редовно се издвојуваат како идни жаришта. Вирусот во моментот не е ендемски во Европа или во Северна Америка, а досегашните случаи најчесто се поврзани со патници кои доаѓаат од тропските и суптропските области.
Здравствените системи мора да се подготват
Според податоците од Панамериканската здравствена организација, во текот на 2025 година, глобално се пријавени повеќе од 502.000 случаи на чикунгунија и 186 смртни случаи во 41 земја и територија.
Авторите на студијата предупредуваат дека климатските промени дополнително ќе го зголемат товарот на болестите бидејќи значително ги менуваат обрасците на ширењето на заразните болести.
„Граѓаните не треба да паничат, но здравствените системи мора да се подготват навреме“, предупредил Су.
Меѓу препорачаните мерки се следењето на популациите на комарци, едукацијата на здравствените работници за брзо препознавање на болеста, зајакнувањето на системот за контрола на комарците и воспоставувањето брзи кризни одговори пред појавата на епидемии.
„Овие мерки се особено важни во умерените климатски области каде што оваа болест досега не претставуваше рутински јавноздравствен проблем“, додала Су.
Авторите на истражувањето истакнуваат дека земјите што се наоѓаат во идентификуваните зони на ризик – вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, САД, Кина и Јапонија – треба да дадат приоритет на инвестирањето во надзор на комарците и обука на здравствениот персонал за дијагностицирање на болеста пред 2040 година.


