Тешки обвинувања за тренерот на Барселона: Не би го земал ни за хаусмајстор
Барселона и Бетис во сабота ќе играат меѓу себе во рамките на 9. коло од Ла Лига, а тоа ќе претставува и дуел на тренерот Роналд Куман и играчот на гостите, Хоакин кои заедно работеа во Валенсија.
Според зборовите на поранешниот шпански репрезентативец, Хоакин, саботниот натпревар ќе биде се само не пријателски со Роналд Куман иако двајцата работеа заедно во Валенсија.
Хоакин воопшто нема добро мислење за актуелниот тренер на Барселона.
– Тоа сигурно не беше едно од убавите искуства во мојата кариера. Воопшто не беше пријатно. Не сакам да зборувам за тоа што се случи бидејќи сè уште ме боли. Со него во Валенсија ми беше многу лошо – изјави Хоакин за радиото „Кадена Сер“ и продолжи со нападите кон Куман.
– Да сум јас претседател на Барселона, нема да го земам Куман ниту за хаусмајстор. За среќа, тој не издржа долго во Валенсија и успеавме да ја спасиме сезоната. Нема да го поздравам, како што ниту тој нема мене да ме поздрави. Многу лошо поминавме со него на клупата на Валенсија – додаде Хоакин.
Хоакин и Куман во Валенсија соработуваа во сезоната 2007/08, а поранешниот шпански репрезентативец дресот на „лилјаците“ го носеше од 2006 до 2011 година.
Претходно настапуваше за Бетис, Малага и Фиорентина, за во 2015 година да се врати во Бетис.