Фото: Скриншот / Јутјуб

Технички проблем со „Ер Форс Уан“: Трамп ќе доцни во Давос поради дефект на претседателскиот авион

Американскиот претседател Доналд Трамп многуверојатно ќе доцни со пристигањето на Светскиот економски форум во Давос откако неговиот авион морал да се врати назад еден час по полетувањето, јавуваат американските медиуми.

Од Белата куќа кратко информираа дека се појавил „мал електричен дефект“ на претседателскиот авион, поради што тој се вратил во својата база во Мериленд, а Трамп по еден час полетал со друг авион за Швајцарија.

„По полетувањето, екипажот идентификувал мал електричен проблем и од голема претпазливост било одлучено авионот да сврти и да се врати во базата“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.

Новинарите кои биле во авионот кажаа дека светлата во кабината се изгаснале на кратко по полетувањето, за што не било дадено објаснување.

Нејасно е дали доцнењето ќе се одрази врз распоредот на Трамп, кој најави низа состаноци во Давос на тема Гренланд.

Инаку патувањето на Трамп се одвива во чувствителен политички момент, во екот на зголемени тензии со европските сојузници, особено поради неговите изјави поврзани со Гренланд. Трамп најави дека во Давос ќе има бројни состаноци и не ја исклучи можноста за користење и други политички и економски инструменти освен царини.

Во меѓувреме, претседателот повторно ги критикуваше Обединетите нации, оценувајќи дека организацијата „никогаш не го остварила својот потенцијал“, и тврдејќи дека неговата администрација одиграла клучна улога во решавањето на повеќе меѓународни конфликти.

Во Вашингтон пред патувањето, тој ги повтори своите уверувања дека САД ќе ја преземат контролата врз Гренланд, велејќи дека „нема враќање назад“ и дека „Гренланд е императив“.

„Работите се развиваат многу добро околу Гренланд. САД ќе изработат план за сопственоста на Гренланд со кој НАТО ќе биде многу среќен. Мислам дека ќе се случи нешто што ќе биде многу добро за сите. Гренланд ни е потребен за националната безбедност, па дури и за светската безбедност“, рече Трамп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот