„Те мразам, сине“ – морничави пораки откриени на судењето на родителите на Коста Кецмановиќ
Судската постапка против Владимир и Милјана Кецмановиќ, родителите на момчето кое го изврши масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, влезе во последна фаза, а објавувањето на првостепената пресуда е закажано за 18 јуни. Обвинителството бара максимални казни, со оглед на тоа дека родителите сносат кривична и морална одговорност за занемарување на детето и дозволување пристап до оружје, пишува српски „Блиц“.
Препорачано
Шокантни пораки и ноќта пред масакрот
За време на презентирањето на завршните зборови на обвинителството, семејствата на жртвите и одбраната, излегоа на виделина досега непознати и шокантни детали за семејството на момчето убиец. Јавноста во судницата беше шокирана кога беа прочитани пораките од мобилниот телефон на момчето и неговата мајка.
Вознемирувачката преписка започнала уште во 2020 година, кога момчето ѝ пишало на мајка си: „Те мразам“. Таа му одговорила: „Јас сум на училиште, не се срами од мене, јас сум твоја мајка, треба да бидеш горд“. Само неколку дена подоцна, таа му испратила порака: „Е*и се, сине“.
На можни претходни изливи на насилство укажува и пораката на Милјана до нејзиниот син: „Што правиш? Зошто треба така да се однесуваш со сестра ти?“.
Адвокатите откриле и дека ноќта пред масакрот, додека неговата помлада сестра била во собата со него, момчето гледало експлицитна содржина во која биле вклучени луѓе и животни на Интернет. Тие нагласиле дека родителите немаат контрола врз тоа што прави нивниот син, ниту пак покажале желба да го надгледуваат.
„Таа донесе колачиња, тој донесе куршуми“
Завршните зборови на семејствата на убиените предизвикаа тага во судницата. Драгана Анѓелковиќ, мајката на убиената Мара, низ солзи се присети како ја видела својата ќерка за последен пат во мртовечницата.
„Таа не го заслужуваше тоа. Имаше шест прострелни рани, од кои едната беше во срцето. Немаше никаква шанса“, рекла таа, додавајќи дека момчето убиец „дури и не се поколебало“ за време на пукањето.
Нина Кобиљски, мајката на убиената Ема, раскажала како на погребот на нејзината ќерка, раната од куршум на главата ја скриле со лента за коса, а раната на градите со омилениот фустан.
„Оваа пресуда не е борба за враќање на минатото, туку за спасување на иднината“, рекла мајката.
Правниот застапник на семејството Мартиновиќ прочита писмо од постарата сестра на убиената Катарина, упатено до обвинетите: „Таа донесе колачиња, тој ги донесе куршумите. Вие ми ја одзедовте сестра ми. Немојте да се залажувате, ваша е вината“.
Друга мајка рече дека чувствува дека нејзината ќерка не е убиена од момче, туку од воспитувањето на Владимир и Милјана Кецмановиќ. Сестрата на убиениот обезбедувач Драган Влаховиќ, Радица, се сети на својот брат како на човек кој ги сакал децата, истакнувајќи дека нејзината сила ја даваат мајките на жртвите кои се однесуваат достоинствено, без ниту еден грд збор упатен до обвинетиот.
Адвокатите за одговорноста на таткото
Адвокатите на семејствата на жртвите беа експлицитни во своите излагања. Горан Петронијевиќ нагласи дека детето не се раѓа како криминалец и дека сè можеби ќе беше поинаку доколку таткото на момчето убиец го однесеше својот син на литургија наместо на стрелиште.
Неговиот колега Марко Јанковиќ го истакна целосното отсуство на одговорност на таткото:
„Срамно е што главата на семејството не се обвинува себеси“ рече тој и додаде дека, доколку Владимир Кецмановиќ ја добие максималната казна што ја бара обвинителството, тоа ќе значи само една година и два месеци затвор за секоја жртва.
Осудени родителите на момчето-убиец од „Рибникар“, таткото доби 14, а мајката 3 години затвор


