Таткото на Леонид спрема кривични пријави за сите доктори од комисијата на ФЗОМ коишто го одбија лекувањето, како и против раководството на Фондот

Кривични пријави за сите доктори од првостепената лекарска комисија при Фондот за здравство и двајцата директори ќе поднесе Бранко Индов, таткото на младиот Леонид. Тој за „Слободен печат“ вели дека доколку и второстепената комисија при ФЗОМ го одбие лекувањето на неговиот неподвижен син, тогаш и лекарите од второстепената комисија ќе се најдат во кривичната пријава. Поддршка добил од голем број адвокати.

Раководството на Фондот за здравство денеска одржа брифинг со новинарите на којшто беше кажано дека лекарите од ТОАРИЛУЦ не навеле во конзилијарното мислење какво медицинско лекување треба да му се изврши на Леонид и тоа била причината поради која што првостепената комисија на ФЗОМ го одбила барањето.

Во образложението од болницата во Австрија пишува дека на Леонид ќе му се спроведува специјална терапија за дишење, говорна терапија и стимулација на дијафрагмата за враќање на функцијата на дишењето, роботна терапија, електростимулација и специјално прилагодување на шините за да се постигне функција за фаќање, спроведување на шема за дефекација за контролирано празнење на столицата, трансфер, инвалидска количка и зајакнување на мускулите, физикална терапија за зајакнување на мускулите, оптимизација на исхраната и обука за независност. Сите овие ставки првостепената комисија на ФЗОМ предводена од докторката Сања Петрова, ги сметала за „рехабилитација“. Таа денеска, иако поканета, не дојде на брифингот со новинарите да објасни каде во земјава пациентот Леонид може да се лекува. Од ФЗОМ истакнаа дека нивниот правилник не покрива рехабилитација ама не дадоа одговор каде во Македонија би можел да се лекува пациентот.

Во конзилијарното мислење потпишано од доктор Александар Димитровски, доцент доктор Александар Савески и доктор Ерен Сејфула, се наведува дека пациентот се упатува на лекување во странство за да „се обезбеди болничко лекување кое вклучува специјална респираторна терапија, говорна терапија и стимулација на дијафрагмата за враќање на респираторната функција со што би се подобрила состојбата на пациентот“.

– Во нашата установа поради недостаток на искуство за третман на оваа состојба и недостаток на технички можности не може да се овозможи, пишува во конзилијарното мислење од ТОАРИЛУЦ.

Комисијата на ФЗОМ воопшто не ги гледа пред себе пациентите за чии што животи одлучува, туку ги гледа само документите кои што се доставени од лекарскиот козилиум на ТОАРИЛУЦ.

Од Фондот истакнаа дека ќе почекаат дополнително образложение од ТОАРИЛУЦ во кое ќе се наведе конкретната интервенција што треба да му се направи на пациентот и ќе ја преиспитаат својата одлука. Во меѓувреме, граѓаните со телефонски донации собираат пари за лекувањето на Леонид, а институционално решение, освен тешки, долги и бирократски процедури не е на повидок.

Младиот Леонид со хеликоптер беше транспортиран во Австрија, каде моментално се наоѓа на лекување, како и на рехабилитација со која треба да му се овозможи да дише самостојно, да голта и да прооди. Притоа има и неколку отежнувачки фактори, меѓу кои и тоа што во македонските болници добил 30 интрахоспитални инфекции и декубит, рана која не може да се санира ни со пластична хирургија. Во моментов тој се наоѓа во рехабилитациски центар во Австрија, каде на повеќе начини се работи со него за да му се подобри здравствената состојба. Тој доживеа тешка несреќа во Грција лани летото, после која не може да дише самостојно, туку на респиратор и не може да ги движи нозете.

Заменичката на министерот за здравство, Маја Манолева денеска изјави дека „родителите воопшто не побарале никакво мислење од соодветната институција за можноста или неможноста за завршување на лекувањето“.

Но, конзилијарното мислење од ТОАРИЛИЦ ја демантира.

Таткото на Леонид спрема кривични пријави за сите доктори од комисијата на ФЗОМ што го одбија лекувањето, како и против раководството на Фондот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот