Тасевски: Ме контактираа од Вардар, ама во следниот месец не смеам да потпишам за нов клуб

Жикица Тасевски има важечки договор со грчкиот клуб Ксанти/фото:fkrabotnicki.com

Фудбалскиот клуб Вардар се обидува сезонава да се врати во Првата лига, но на последниот меч од Втората лига – Запад и ремито со Гостивар (1:1) направи чекор назад во остварувањето на таа цел.

Скопските „црвено-црни“ после 18 кола се на третата позиција со 34 бодови, водечки е Силекс со 46, пред Воска Спорт (39). Повторно беа незадоволни навивачите на Вардар, верните „Комити“ кои секогаш ја даваат поддршката и во добри и во лоши моменти.

Се шпекулира дека можно е Вардар да има нов тренер, моментно на позицијата шеф на стручниот штаб е Никола Глигоров.

Жикица Тасевски кој оваа зима најде ангажман во грчкиот клуб Ксанти како помошник тренер, се поврзува со тренерската клупа на ФК Вардар. Моментно има важечки договор со грчкиот фудбалски клуб Ксанти како помошник на главниот тренер Зоран Вулиќ.

Вулиќ добил отказ после седум натпревари на клупата без ниту еден пораз (три победи и четири нерешени). Отказот се случил во петокот, ден после поразот од Ираклис (1:0) со тоа што Вулиќ не ни го водеше тимот на тој натпревар. Неговиот адвокат и целиот стручен штаб се наоѓаат во судски процес.

– Имам спор во ФК Ксанти и не сум слободен во моментов со документација. Инаку ме контактираа од Вардар, ама во следниот месец не смеам да потпишам за нов клуб – ни изјави Тасевски.

Вулиќ дознал дека е позитивен на коронавирус, па не ни учествувал во тактичките одлуки кои доведоа до пораз од Ираклис. Како што и самиот Вулиќ изјави за хрватските медиуми, веројатно за клубот станал прескап кога во Ксанти сфатија дека им бега првото место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот