Судскиот совет најави дисциплински постапки за судии од Кривичен кои толерираат обвинители што не доаѓаат и на 10 рочишта по ред, па предметите застаруваат

Судски совет / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Ненапишани пресуди подолго од година, толерирање на обвинители кои во серија по пет-шест пати по ред, па и повеќе не доаѓаат на определени рочишта, толерирање на вештаци кои и по девет ургенции не изработуваат вештачење, бројни стари предмети, голем број на заостанати предмети, судиски постапувања спротивни на закон итн. утврди Судскиот совет при контролата на Основниот кривичен суд Скопје, извршена во текот на април оваа година, а со цел да се изврши увид во работата на овој голем суд со многу предмети, меѓу кои и предмети од висок јавен интерес. Судијката Мери Радевска денеска го презентираше извештајот пред Судскиот совет, со напомена дека за сите утврдени неправилности побарале изјави од судиите што постапувале, а во зависнот од нивните изјави и објаснувања за направените пропусти понатаму Советот ќе одлучува за дисциплински постапки и за утврдување на одговорност на судиите.

Најголемо внимание кај членовите на Судски совет предизвикаа делот од извештајот за тоа на кој начин настапи апсолутната застареност во случајот со поранешниот прв цариник Драган Даравелски, кој со години беше во бегство, а сега е слободен човек кој ги ужива „плодовите на својот минат труд“, односно ограбеното од државата, како и делот за „играта на вештаците“ во судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци во февруари 2019 година во која загинаа 16 лица, а првостепена пресуда сè уште не е донесена.

– Во делот на динамиката со која се постапува по предметите во овој суд, за предметот со автобуската несреќа кај Ласкарци супервештачењето трае премногу долго. Претходно судијата испратил девет ургенции до вештаците и кога најавил дека ќе донесе пресуда и без вештачењето, тие ја завршиле работата. За случајот со апсолутна застареност на Драган Даравелски потребно е да се побара начелно мислење од Врховниот суд како во иднина да се постапува во вакви случаи, затоа што за друг сличен случај Апелација Битола постапила поинаку. Во име на еднаквост на сите граѓани и правната сигурнот, мора да има воедначена судска пракса кога се ослучува за повторно судење, затоа што сега има различни толкувања за застареноста во случаите кога има повторена постапка – рече меѓудругото судијката Радевска.

Таа истакна дека утврдиле случаи кога судиите не ги носат одлуките во разумен рок, односно дека има примери кога и по цела година не се носи опеделена пресуда, иако целата постапка завршила. Има и фрапантни примери кога обвинител дури и во 10 рочишта по ред не се појавуваат на судење.

Радевска истакна дека проблем се и лошо направените годишни распореди, кога судиите што ја менуваат областа ги оставаат недовршени предметите што ги работат, а при распределбата кај нов судија почнуваат од полеток, што влијае на ажурноста.

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиевски кој бил дел од работната група што извршила увид во Основниот кривиен суд Скопје рече дека е разочаран од виденото.

– Има бројни одлагања на постапките, или од адвокатите или од обинителите и така со години, што е удоволено од судиите, па настапува застареност. Крајно време е судиите да сватат дека дека не може на барање на обвинители и адвокати постојано да се одложуваат судењата. Судиите мора да постапуваат во ваквите примери, затоа што обвинителите се само странки во постапката и недозволиво е судијата тоа да го толерира и да не реагира до Јавното обвинителство или до Советот на јавни обвинители. Има примери кога и по десет рочишта по ред се одлагаат заради отсуство, судиите не реагираат на таквото однесување, а токму тие сносат последици – рече Георгиевски.

Членот на Советот Весна Дамева предложи да се испита претседателот на Кривичниот суд дали досега на ниво на судот превзел дејствија за да се спречи оваа пракса, затоа што, како што рече, ова не е ново и истите констатации се повотруваат и во извештаите за судот и во 2020 и во 2021 година.

Минатата 2022 година Кривичниот суд ја завршил како неажурен суд, а шансите се ист да му биде учинокот и за оваа година. Лани судот работел вкупно 125.076 предмети, од кои решени се 109.183 предмети, а заостанале 15.893. Според систематизацијата во вој суд треба да работат 70 судии, а пополнети се 46 судиски места. Во јули беа избрани уште седум судии, а распишан е оглас за избор на уште тројца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот