Судската драма меѓу Блејк Лајвли и Џастин Балдони продолжува, двете страни не успеаја да постигнат спогодба
Правната битка меѓу Блејк Лајвли и Џастин Балдони продолжува, откако двете страни не успеаја да постигнат спогодба.
Препорачано
Актерката и режисерот вчера поминаа шест часа во судница во разговор со судијката Сара Л. Кејв, по што го напуштија судот без договор. Извор за „Пипл“ потврдил дека обидите за нагодување засега не вродиле со плод, пренесува „Ен-би-си њуз“.
Адвокатот на Балдони, Брајан Фридман, пред новинарите пред судот во Њујорк изјави дека договор сè уште не е постигнат, но дека преговорите ќе продолжат и во наредниот период.
„Случајот ќе продолжи. Јас сум голем оптимист и секогаш постои можност за спогодба. Ќе видиме како ќе се одвива понатаму“, изјави Фридман.
Инаку, Лајвли првично поднесе тужба за сексуално вознемирување против Балдони, тврдејќи дека тој се однесувал несоодветно кон неа за време на снимањето на филмот „It Ends With Us“. Балдони ги негира обвинувањата.
Судските документи од крајот на минатата година покажуваат дека Лајвли навела повеќе од 100 потенцијални сведоци, меѓу кои и познати имиња како Емили Блант, Џиџи Хадид и Хју Џекмен.
На сослушувањето минатиот месец, адвокатите на Балдони побараа отфрлање на случајот, тврдејќи дека станува збор за недоразбирање, а не за несоодветно однесување.
Правната постапка продолжува, а јавноста внимателно го следи развојот на овој случај што предизвика големо медиумско внимание.


