Повторното судење на обвинетиот за убиството на Оливер Ивановиќ, според третото, изменето обвинение, што требаше да се одржи денес во специјалното одделение на Основниот суд во Приштина, е одложено за 11 ноември. Причината овој пат е тоа што сите шестмина обвинети присутни во судницата не го добиле обвинението преведено на српски јазик.
Адвокатот Небојша Влајиќ, поранешен бранител на покојниот Ивановиќ, посочува и дека ова е ново обвинение, а не изменето како што претходно соопшти обвинителството.
Според третото по ред изменето обвинение од Специјалното обвинителство за случајот со убиството на Ивановиќ обвинета е и секретарката Силвана Арсовиќ, која беше вработена во канцеларијата на српскиот политичар од Косово. На списокот на обвинети е и полицаецот од Северна Митровица, Раде Басара, Драгиша Марковиќ, Жарко Јовановиќ, Недељко Спасојевиќ и Марко Росиќ. Тие се товараат за одговорност во случајот со атентатот на лидерот на Граѓанска иницијатива „Слобода, демократија, правда“.
„Не е сериозно од страна на Судот и Обвинителството, кои не ги презедоа сите потребни мерки, не проверувајќи ги списите на предметот што ќе обезбеди одржување на денешното рочиште. Обвинението не им беше доставено на обвинетите и на нивните бранители на српски јазик, иако сите обвинети се Срби. Ова е уште една грешка на Обвинителството и Судот“, рече Јована Филиповиќ, адвокатката на обвинетата Силвана Арсовиќ.