„Вашингтон пост“: Пентагон разгледува опции за копнена операција во Иран
Иранските пратеници повикаа на заробување на американски војници и копнени напади врз Кувајт и Бахреин, додека разговорите за можна копнена операција се интензивираат од двете страни. Американските воздушни напади врз ирански цели влегуваат во својот десетти ден. Портпарол на иранската војска денеска изјави дека Иран би сакал да ја бомбардира сопствената територија отколку да дозволи американска окупација, зголемувајќи ги стравувањата од поширок конфликт во Персискиот Залив, објави „Вашингтон пост“.
Препорачано
„Ако Америка ја окупира нашата територија, ние ќе ја бомбардираме нашата земја. Ова е логиката на војната“, изјави бригадниот генерал Мохамад Акрами-Нија.
Изјавите доаѓаат во време кога Централната команда на САД го спроведува својот десетти последователен ден од нападите врз ирански цели. Се очекува американскиот претседател Доналд Трамп да одлучи за следните чекори во наредните денови, а отворено се дискутира за можноста за копнена операција на САД или окупација на иранска територија.
Според „Вашингтон пост“, повикувајќи се на неименувани американски претставници, Пентагон подготвува опции за копнени операции кои нема да претставуваат целосна инвазија, туку би можеле да вклучат илјадници војници и да траат со недели или месеци.
Белата куќа соопшти дека Пентагон работи на тоа да му обезбеди на претседателот „максимален број опции“, но нагласи дека „тоа не значи дека претседателот донел одлука“.
Поранешниот ирански министер за надворешни работи Манучер Мотаки, сега пратеник, верува дека Иран треба да оди подалеку од напаѓање на американските бази и да размисли за заробување на американски трупи. „Заканите од САД се засилија и тие објавија дека ќе го освојат островот Харг и ќе ја преземат контролата врз иранските нафтени постројки“, рече Мотаки.
„Долго време се залагам за копнена војна. Треба да ја освојме една од американските бази во регионот, да ги заробиме нивните сили и да ги донесеме во нашата земја“, додаде тој.
Пратеникот Ахмад Бахшајеш Ардестани, поранешен член на Комитетот за национална безбедност на парламентот, рече дека Техеран би можел да започне копнени напади врз Кувајт и Бахреин во случај на американска инвазија.
Во врска со можноста за американски напад врз островот Харг, тој рече дека Вашингтон би можел да го освои за еден ден, но нема да може да го задржи.
„Иранските ракети од Семнан, Захедан, Исфахан и други места можат да го достигнат. Окупирањето на островот Харг би го претворило во цел за Иран“, рече Ардестани.
Се зголемуваат и шпекулациите за можен ирански потег против Кувајт, што би можело да вклучува напад врз островот Бубијан во Кувајт. Тоа енајголемиот остров во Кувајт, со површина од 863 квадратни километри, сместен на северниот крај на Персискиот Залив во близина на Ирак.
Некои ирански политичари и профили на социјалните медиуми го разгледуваат ова сценарио како одговор на евентуалното американско освојување на иранскиот остров Харг. Според тие идеи, Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГК) би можел да ги искористи регионалните сојузници и своите специјални сили Саберин за да започне копнена операција низ јужен Ирак.
Министерството за внатрешни работи на Кувајт соопшти дека притворените признале дека се членови на ИРГК и дека се истовариле за да извршат „непријателски дејствија“. Сепак, иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата, објаснувајќи дека офицерите влегле во кувајтските води поради дефект во нивниот навигациски систем.
Претседателот на САД, Трамп, кон средината на март, изјави дека нападите „збришале“ воени средства на островот Харг, но намерно ја поштедиле нафтената инфраструктура. Тој предупреди дека може да ја преиспита таа одлука ако Техеран продолжи да го нарушува сообраќајот во Ормутскиот теснец.
Откако иранските напади убија американски војници оваа недела, Трамп објави:
„Секој пат кога Иран ќе убие американски војник, тие ќе платат за тоа убиство многукратно“.
Според американската војска, петнаесет припадници на американската војска се убиени од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари.
ВИДЕО | САД со нови удари врз Иран — Трамп им ги посвети нападите на убиените американски војници


