Фото: УЈП

Студентите по средбата со УЈП: Ќе се плаќа на рати данокот од „Ворк енд травел“ за 2025 година

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) се сретна со директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова, по што најави дека студентите ќе можат да го платат на рати данокот од програмата „Ворк енд травел“ (Work & Travel) за 2025 година, но не дадоа детали како ќе се извршува тоа. Од друга страна, УЈП во соопштението од средбата не споменува никаде за плаќање на рати.

Извор: УСС УКИМ

Средбата со УЈП се случи откако се проширија информации дека Управата бара данок за целата заработка на студенти кои работеле сезонски во Германија.

Тие резултатот од средбата со УЈП го оценуваат како „конкретен“. Односно, како што велат, нема ретроактивно оданочување за периодот 2021-2024, обврските важат од 2025, за чија година данокот ќе се плаќа на рати, а притоа УЈП ќе држи обуки на студенти, за да ги научат нивните права кога сезонски работат во странство.

Сепак, нагласуваат дека се против двојно оданочување.

УЈП им бара данок на студентите за целата заработка од „Ворк енд травел“ во Германија

„Во изминатиот период се појавија сериозни реакции околу оданочувањето на студентите од ‘Ворк енд травел’. Нашата позиција е јасна и недвосмислена: двојно оданочување не смее да има и нема да дозволиме да има. Од прв момент влеговме директно во разговор со Управата и инсистиравме на решенија, не на одложување“, соопштуваат од УСС УКИМ.

 

Исто така, тврдат дека студентите ќе бидат директно вклучени во креирање нов закон.

„Ова не е затворање на прашањето, туку почеток на негово решавање. Постојната ситуација е резултат на закон кој не ги препознава специфичностите на студентите. Затоа, наместо краткорочни реакции, влегуваме во процес на негова промена. Нашата улога не е да создадеме дополнителна тензија, туку да обезбедиме резултат. И тоа веќе го правиме. Ги повикуваме сите студенти со конкретни прашања или случаи да се обратат. Нема да дозволиме ова прашање да се решава на штета на студентите“, велат од УСС УКИМ.

УЈП соопшти дека „студентите кои не извршиле поврат на данок врз основа на извршена работа преку програмата ‘Ворк енд травел’ имаат можност да обезбедат потврда за резидентност од УЈП како би можеле да го остварат правото на поврат на задржаниот данок од странската земја (со која имаме склучено договор за одбегнување на двојно оданочување)“.

„Разговаравме и за можностите за олеснување на плаќање по доспевање на обврската“, велат оттаму.

Исто така, посочуваат дека ќе организираат обуки за студентите како да плаќаат данок, а состанокот со УСС УКИМ, каде присуствувала претседателката Ангела Василевска и заменик-претседателот Адам Стојановски, го карактеризиираат дека бил  со „заедничка цел“.

„Нашата цел е заеднички да градиме здраво општество преку исполнување на даночните обврски и истовремено нашето општество да има исполнителни млади луѓе кои даваат сопствен придонес во заедничките цели“, стои во соопштението на УЈП.

Во однос на обуките, велат дека од УСС УКИМ ќе изработеле дел од материјалите ако имало доволна заинтересираност.

„Обуките ќе започнат на 6 април, а видеоматеријали и флаери ќе бидат дистрибуирани до студентите, при што дел од материјалите ќе ги изготват самите претставници на УСС УКИМ доколку има доволна заинтересираност“, посочија од УЈП.

Директорката на УЈП тврди – не наплатуваме ретроактивно, буџетот е стабилен, сакаме фер и правично оданочување на доходот остварен во странство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот