Директорката на УЈП тврди – не наплатуваме ретроактивно, буџетот е стабилен, сакаме фер и правично оданочување на доходот остварен во странство
Директорката на УЈП, посочи дека процесот на оданочување сè уште трае, упатени се 10.000 покани, а од пресметаниот данок на првите 2.500 лица, во Буџетот ќе се слеат 1 милион евра. Од УЈП велат постапуваат согласно законот, а понатаму секој граѓанин кој смета дека е неосновано задолжен, може во соодветна правна постапка да го утужи решението
Управата за јавни приходи досега упатила 10.000 покани до граѓани кои треба да го пријават својот доход остварен во странство, од нив 1.200 доброволно поднесле пресметки, а други 1.300 граѓани се задолжени со даночни решенија. Елена Петрова, директорка на УЈП, посочи дека процесот се уште трае, но пресметаниот данок на овие 2.500 лица кој ќе се слее во Буџетот е 1 милион евра. Петрова беше децидна дека ваквата постапка не е поради „немање пари во Буџетот, туку само за фер и правично оданочување и најави дека Управата постапувала и во други области каде била забележана даночна евазија“.
Препорачано
Да потсетиме дека за денес напладне, во Куманово е најавен протест пред зградата на Управата за јавни приходи, како реакција на ретроактивното оданочување на приходи од странство за период од 2020 година наваму. Посебно погодени се илјадници кумановци кои со години работеле во американски бази во Ирак и Авганистан, а чии примања, иако заработени надвор од државата, биле уплаќани на сметки во Македонија.
Во меѓувреме, голем број граѓани се обидуваат ретроактивно да обезбедат документација со која ќе докажат дека во периодите за кои им се пресметува данок не престојувале во Македонија, туку биле во странство и дека таму веќе платиле данок согласно законите на државите во кои работеле. Организаторите на протестот најавија дека ќе бараат повлекување или ревидирање на решенијата, како и јасно и недвосмислено толкување на даночните обврски, за да се избегнат, како што велат, неправди и финансиски удари врз илјадници семејства.
-Пресметките траат, оти оваа бројка претставува само 1 четвртина од бројката на оние кои сме ги повикале и очекуваме дека ќе има уште граѓани кои ќе треба да ја исполнат својата обврска – додаде Петрова.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавениот протест на илјадници граѓани од Куманово, Петрова нагласи дека воопшто не се работело за ретроактивно оданочување, ниту за нова законска одредба која УЈП сака да ја примени ретроактивно, бидејќи таа постоела одсекогаш, односно, откако е донесен Законот за данокот за личен доход. Директорката на УЈП беше децидна дека нивното постапување било согласно законот, а понатаму секој граѓанин кој смета дека е неосновано задолжен, можел во соодветна правна постапка да го утужи решението.
-Уште поважно е дека се работи за универзален принцип кој се применува во секоја даночна јурисдикција, според кој сите даночни резиденти во една држава во својата држава треба да го пријават и оданочат целокупниот свој доход, без оглед во која земја е остварен. Во однос на платениот данок во странство, и нашиот Закон за данок за личен доход и меѓународните договори кои што се склучени со одредени земји, заштитуваат да не дојде до двојно оданочување, односно данокот за еден ист доход а се плати и во две земји. Постојат институти врз основа на кои во определена даночна постапка со приложени докази, може да се утврди кој колку данок треба да плати, а законите спречуваат и да не дојде до двојно даночно ослободување – појасни Петрова.
Таа додаде дека ова прашање не треба да се гледа само од аспект на даночна усогласеност и правично оданочување, туку во поширок контекст.
-Ако досега не сте го пријавиле доходот од странство, треба да се спречи тој неоданечен доход да се користи за лична потрошувачка, или за стекнување на личен имот од неоданчени приходи, а потоа овие лица може да се најдат во привилегирана положба при остварувањето на одредени социјални права во однос на оние граѓани кои плаќаат данок. Средствата од буџетот се наменети за заедничките потреби на сите граѓани и затоа сите треба да учествуваме во собирањето даноци и плаќањето давачки согласно законот – објасни директорката на УЈП.
Според Петрова, УЈП постапила транспарентно, обезбедила јавно информирање, а упатиле и лични покани до сите лица кои според нивната евиденција остваруваат доход во странство.
-Им овозможивме уредна вклученост во даночната постапка и со свои документи да докажат дали биле даночни нерезиденти или пак платиле данок во друга земја, за да се утврди даночната обврска – заклучи Петрова.
Кумановци во петок на протест пред УЈП зашто им бара стари даноци за платите од Ирак и Авганистан


