Кумановци во петок на протест пред УЈП зашто им бара стари даноци за платите од Ирак и Авганистан
Во петок напладне, во Куманово е најавен протест пред зградата на Управата за јавни приходи (УЈП), поради барањето на ретроактовно оданочување на граѓаните кои имале приходи од странство од 2020 година наваму.
Препорачано
Голем број кумановци, но и граѓани од цела Македонија, изминатите недели беа изненадени откако почнаа да им пристигаат решенија за плаќање големи суми на персонален данок на доход за приходите кои ги имале во странство во изминатите пет години. Илјадници кумановци низ годините заминуваа да работат во американски бази во Ирак и Авганистан.
УЈП соопшти дека има над 9.000 граѓани кои ѝ должат пари на државата по овој основ – подложни на оданочување се само приходите кои граѓаните ги имале додека биле во земјава (а, на сметките им пристигале пари од странство). Голем број граѓани сега се растрчани и да извадат документи и да приложат докази дека во периодот за кој им се бара да платат данок, не биле во земјава, туку во странство, каде платиле данок на тамошната држава.
– Врз основа на досега анализираните податоци, околу 9.000 лица имаат остварено доход од странство кој подлежи на оданочување, а истиот не бил пријавен. До сега, околу 1.300 лица доброволно се усогласиле, пријавиле доход во износ од околу 19 милиони денари и платиле данок во износ од околу 10 милиони денари. За 307 лица, Управата службено утврдила даночна обврска во износ од 1,5 милиони денари, која е наплатена – соопштија пред неколку дена од УЈП.


