Струга ТЛ и Македонија ЃП утре играат во финалето на Купот: Локална забава во „дворот“ на федерацијата

фото: Слободен печат

ФФМ најавува празник, но не објасни каков ќе биде тој празник без присуство на т.н. неутрални гледачи, бидејќи ФФМ нема да продава билети. Одреден број влезници ќе добијат двете екипи за своите навивачи, но за сите други финалето ќе биде – недостапно!

Од некогашниот спектакл – првото финале пред три децении, во кое се сретнаа Вардар и Пелистер пред преполн Градски стадион, а пехарот го додели сега починатиот експретседател Киро Глигоров, финалето на Купот се сведе на локална забава, во „дворот на Федерацијата“.

Јубилејното 30-то финале на фудбалскиот Куп на Македонија, во кое се среќаваат екипите на Струга ТЛ и Македонија ЃП, се игра утре, на теренот од комплексот „Петар Милошевски“ со почеток од 17 часот.

Стружани се веќе шампиони за првпат во својата куса историја, а во битката за двојна круна ќе се сретнат со тимот што е речиси „претплатен“ на куп-финалиња, бидејќи по четврти пат во последниве пет години учествува во завршниот меч од најмасовното натпреварување и е актуелен бранител на куп-трофејот.

Влогот за ѓорчепетровци е голем, зашто победата во овој меч им обезбедува и трет пехар во Купот и настап во квалификациите во Лигата на Конференции на УЕФА.

фото: Слободен печат

Тренерот на Македонија ЃП , Горан Симов верува дека по вторпат може да го освои куп трофејот.

– Ќе имаме силен противник, веројатно и убаво време, добар терен, па тоа се сите предуслови да имаме одлично финале. Играме против новиот шампион и сигурно нема да биде лесно, но наша цел е да дојдеме до пехарот. Верувам дека вторпат ќе можам да го освојам овој трофеј. Ја анализиравме Струга, нема многу тајни во македонскиот фудбал, ќе видиме како ќе биде на теренот. Како тренер не сум многу искусен, но како играч зад себе имам големо искуство и мислам дека можам да се справам со овој притисок. Очекувам и моите играчи да се носат со притисокот на финалето, веќе играа финале минатата година. Па така, можеби притисокот е повеќе на нивна страна како нови шампиони, иако за нас зависат и европските квалификации од овој дуел. Ќе се обидеме да ги испочитуваме работите за кои се договоривме – вели Симов.

Своите очекувања пред финалето ги сподели и капитенот на Македонија ЃП, Филип Мишевски.

– Двете екипи добро се познаваме, не би се согласил дека Македонија Ѓорче Петров има некоја предност, ќе биде тежок натпревар. Македонија Ѓорче Петров како тим има повеќе финалиња, но во Струга има играчи со пет-шест финалиња зад себе. Секој натпревар е различен, одиме на победа, сакаме трофејот да остане во Ѓорче, тоа би било се што можам да кажам – рече Мишевски на прес-конференцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот