Страотната сообраќајка во Бугарија го стаписа целиот Балкан

автобус, сообраќајка, бугарија
Македонскиот автобус кој изгоре во страотна несреќа во Бугарија / 23 ноември 2021 / фото: ЕПА/ЕФЕ

Несреќата се случила околу 2 часот по полноќ по локално време, во близина на селото Боснек, на магистралата „Струма“. Автобусот, сопственост на агенцијата „Беса турс“ од Скопје, се движел од Турција кон Македонија, удрил во заштитната ограда и се запалил.

Македонската, а и пошироката регионална јавност, е во шок по трагичната несреќа што се случи вчера изутрина во Бугарија, кога македонски автобус удри во банкината на автопат и се запали во близина на градот Дупница, при што изгореа 45 патници, а седуммина беа хоспитализирани со полесни повреди. Меѓу загинатите има 12 малолетници и деца.

Несреќата се случила околу 2 часот по полноќ по локално време во близина на селото Боснек, на  магистралата „Струма“. Автобусот, сопственост на агенцијата „Беса транс“ од Скопје, се движел од Турција кон Македонија, а во Бугарија влегол преку граничниот премин „Капитан Андреево“.

Малку по полноќ, автобусот, кој бил последен во колоната, запрел на бензинска пумпа кај Софија, по што го продолжил патот, а еден час подоцна се случила несреќата. Локалните власти што ја истражуваат несреќата велат дека најверојатната причина е човечка грешка или техничка неисправност. Тие засега не можат да потврдат дали автобусот прво удрил во оградата, па се запалил или претходно настанал пожар во него, па потоа изгубил контрола.

Во автобусот биле претежно млади луѓе, кои се враќале од тридневна екскурзија во Истанбул. Загинатите патници во автобусот се претежно државјани на Северна Македонија, еден е од Прешево, Србија, а еден имал белгиско државјанство. Според првичните информации, нивните тела се изгорени до непрепознатливост. Меѓу загинатите е и возачот на автобусот.

Седумтемина преживеани, кои успеале да скршат стакло и да излезат од запалениот автобус, се  хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија и, според официјални информации на болницата, се надвор од животна опасност.

– Шестмина се со изгореници, а еден со скршеница на ногата, и ќе бидат испуштени од болницата штом нивната здравствена состојба ќе го дозволи тоа.

Направени се сите консултации, повредите се обработени, можно е да бидат потребни и некои оперативни зафати. Преземено е сѐ за повредените граѓани од Република Северна Македонија исто како што би било преземено и за бугарските државјани – изјави дежурниот лекар во  болницата „Пирогов“, кој додаде дека меѓу двете земји има потпишан договор за здравствена заштита.

Веднаш по веста за несреќата, повеќе членови на македонската влада предводени од премиерот Зоран Заев итно отпатуваа во Бугарија, каде што го посетија местото на несреќата, разговараа со преживеаните во софиската болница, како и со бугарските надлежни органи, а беа примени и од највисокиот политички врв. Премиерот Заев изрази благодарност до бугарските државни органи за ангажманот.

– Соработката е на високо ниво. Довербата во институциите едни со други е голема и така најдобро ќе им служиме на граѓаните кога ќе ги дадеме сите неопходни информации за несреќата и како се случила. За причините не би коментирал, затоа што тоа треба да го кажат експертите – изјави Заев.

Во Бугарија отпатува и екипа на македонската крим-техника, која треба да помогне во утврдување на причините за несреќата и идентификација на жрвтите. На местото на несреќата, на автопатот „Струма“ вчера пристигна и македонскиот државен јавен обвинител Љубомир Јовески, кој таму се сретна со директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов.

– Истрагата ќе ја води бугарското обвинителство, а ние ќе ја обезбедиме документацијата за автобусите и нема да има паралелна истрага во Македонија  – рече Јолески.

Веста за несреќата делуваше како бомба во македонската јавност. Многубројни политичари, организации и јавни личности изразија сочувство до семејствата за жртвите, а за несреќата се огласија со сочувство и политичари од регионот.

Семејства и роднини на туристите што заминале на викенд во Турција од изутрината чекаа пред затворените врати на агенцијата „Беса транс“ во близина на Старата турска чаршија во Скопје, во надеж дека ќе добијат повеќе информации за нивните блиски. Роднините на патниците, како и новинарите, вчера се обидуваа да добијат кој било официјален претставник на компанијата „Беса турс“, но безуспешно. Полициски службеници вчера превентивно беа распоредени околу седиштето на компанијата „Беса транс“ во Скопје.

Обвинителката Вилма Русковска, која исто така е на местото на настанот, изјави вчера дека разговарала на самото место со претставник на „Беса транс“ за околностите за несреќата.

Поради несреќата вчера беа одложени и откажани повеќето најавени политички активности во земјава, а Владата одржа вонредна седница, со која раководеше вицепремиерот Артан Груби. На седницата беа разгледувани информациите за несреќата и беше прогласена тридневна жалост. Претходно и бугарската влада најави дека ќе прогласи ден на жалост. Македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека формирало кризен штаб за соработка со бугарските надлежни органи во врска со трагичната несреќа.

 

ФОТО+ВИДЕО | ВО ЖИВО: Сите информации за тешката сообраќајна несреќа во Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот