Стоматолог Илија Караманов: Наследниот фактор е најчеста причина за појава на збиеност на забите

Фото: Unsplash/Приватна архива

Соодносот на забите во една вилица со големината на самата вилична коска, може да ни го одреди распоредот на забите. Доколку тој сооднос е сразмерен, поставеноста на забите е најчесто правилна.

Доколку имаме нарушување се појавува растреситост на забите (забите се правилно поредени, но има простори меѓу нив), или пак, збиеност која се нарекува „тескоба“. Тескобата најчесто се јавува заради несразмер на големината за забите, кога имаме големи заби, и големината на виличната коска, односно имаме мала вилична коска. Тескоба се јавува и во комбинациите на нормална големина на забите со мала вилична коска, и големи заби со нормално развиена вилична коска. Во поретки случаи, тескоба се јавува и кога има прекуброен број на заби.

Тескобата ја следат низа проблеми. Освен естетскиот недостаток, кој е видлив и се манифестира со преклопување на предните заби, нивна изротираност и искривеност, мртвите простори кои ги зафаќаат збиено поставените заби се идеално место за ретинирање, односно собирање на меки наслаги и остатоци од храна. Самите тие простори се многу тешко достапни за чистење и бараат огромно внимание и секојденевно и редовно користење на забен конец. Заради недостатокот на идеална хигиена, на тие места се јавуваат кариеси и речиси редовна е појавата на забен камен и посилно манифестиран гингивит. Појавата на лош здив, исто така, ја следи тескобата.

Причините за појава на збиеноста на забите, најчесто ја бараме во наследниот фактор. Едниот од условите (големината на забите или големината на виличната коска) се наследува од едниот родител, а другиот услов од другиот родител. Тескобата може да се дијагностицира уште во млечната дентиција, кога се присутни само млечните заби, но и не мора, но затоа пак, со сигурност се забележува уште при појавата на првите трајни заби. По направениот преглед и соодветна ортодонска анализа, се пристапува кон третирање на тескобата која започнува со изработка на мобилен ортодонски апарат, кој, пред се, има за цел да ја прошири виличната коска. Тоа претставува главен предуслов за да се направи место за подредување на забите. Терапијата може да се заврши само со мобилен апарат, но најчесто, кај изразени тескоби третманот продолжува со поставување на фиксен ортодонтски апарат. Досега кај случаи кои претходно не се третирани со мобилен апарат, многу често како дел од терапијата е и вадење на одредени заби. При третирање со DAMON системот, сега е овозможено поставување во правилен низ дури и кај изразен тескоби, а без потреба од вадење на заби. Резултатите со овој систем се одлични и покажуваат стабилност и по завршувањето на терапијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот