Посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Србија / Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Српскиот воен врв ги негира обвинувањата на Орбан дека Украина е зад експлозивот кај „Балкански тек“

Врвот на српската војска соопшти дека Украина не стои зад инцидентот со експлозивот пронајден во близина на гасоводот кон Унгарија, со што му се спротивстави на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој силно алудираше на вмешаност на Киев, објави „Политико“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, близок сојузник на Орбан, во неделата изјави дека властите пронашле „експлозив со разорна моќ“ во близина на гасовод што пренесува руски гас од Србија кон соседна Унгарија, една недела пред парламентарните избори во Унгарија на 12 април.

Орбан во неделата, по итен состанок на Националниот совет за одбрана, изјави дека српските власти откриле „саботажна операција“ во Војводина, Србија, и очигледно ја поврза со Украина, за која рече дека „со години работи на тоа Европа да ја отсече од руската енергија“ и дека претставува „директна закана за Унгарија“, иако формално не го обвини Киев.

Но, директорот на белградската контраразузнавачка Воено-безбедносна агенција (ВБА), Ѓуро Јованиќ, во неделата вечерта изјави дека „не е точно дека Украинците се обиделе да ја организираат“ таа акција, во која станувало збор за „специјално спакуван експлозив, херметички затворен, со детонаторски каписли“.

— Тоа што може да се утврди производителот на експлозивот не значи и дека тој е нарачателот или извршителот. Ознаките на експлозивот покажуваат дека е произведен во САД — рече тој.

Дали експлозивите кај „Балкански тек“ се српско-унгарски филм со Украина како негативец?

Тврдењата на Орбан за саботажа беа пречекани со скепса и од неговиот главен противкандидат на изборите, Петер Маѓар, кој се обидува да го симне од власт прорускиот премиер. Освен Орбан, и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, сега актуелен поради неговите разговори со Сергеј Лавров во кои му кажувал информации за разговори на состаноците во Брисел, рече дека Украина го напаѓа „Балкански тек“ со дронови, алудирајќи дека Украина стои зад експлозивот кај гасоводот.

Маѓар оцени дека Орбан, кој енергетската безбедност на Унгарија и остриот конфликт на Будимпешта со Киев ги направи централна тема на својата кампања, можеби спроведува операција под лажно знаме со „помош на српски и руски актери, поради колапсот на поддршката за Фидес“, неговата партија.

— Ако Виктор Орбан и неговата пропаганда ја искористат оваа провокација за изборни цели, тоа ќе биде отворено признание дека станува збор за однапред подготвена операција под лажно знаме — додаде Маѓар.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи „категорично“ негираше каква било одговорност и ги критикуваше обидите „лажно да се поврзе Украина“ со случајот, додавајќи дека наводниот заговор „најверојатно е руска операција под лажно знаме“ во пресрет на изборите.

Според анкетниот просек на „Политико“, Орбан и неговата партија Фидес сериозно заостануваат зад опозициската партија Тиса на Маѓар пред гласањето следната недела.

Сијарто го впери прстот кон Украина за експлозивите кај „Балкански тек“ во Србија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот