Српски затвор испуштал свински измет во езерото Палиќ, за чија заштита Германците дале 8 милиони евра
Локалната самоуправа на Суботица во 2018 година склучила договор вреден 7,8 милиони евра со германската развојна банка KfW, која требала да го заштити паркот на природата и езерото Палиќ од загадување.
Препорачано
Но, наместо заштита, државна институција, Окружниот затвор во Суботица во меѓувреме незаконски испуштал загадена вода во езерото, пред се свински измет.
Како што откри за Нова.рс затворскиот чувар Ѓорѓе Глушац, откако аферата избила во јавноста, управата на затворот се обидела да го прикрие случајот, со тоа што го закопала каналот, низ кој изметот течел се до езерото Палиќ.
Инаку Градските власти на Суботица во 2018 година во соработка со германската развојна банка KfW започначе проект за чистење на езерото Палиќ, чии цели беа заштита на биолошката разновидност и водите во езерото Палиќ, како и развој на туризмот. Палиќ е природен парк од трета категорија, што значи дека е заштитено подрачје од локално значење. Проектот траел од септември 2018 до ноември 2022 година.
Со „германски пари“ се надградила пречистителната станица, завршила изградбата на пумпната станица за отпадни води, изградена била канализационата мрежа и на неа се приклучиле 600 домаќинства од Палиќ.
По овие зафати, откриено е дека фекалии од фарма за свињи и овци се влеваат во Палиќ, преку канал долг 15 метри и широк и длабок 50 сантиметри.
Да биде катастрофата уште поголема, виновникот не бил некој земјоделец кој сакал да заштеди пари, или некое физичко лице, туку државна институција, Окружниот затвор во Суботица.
За случајот е известено Министерството за екологија, кое по извесно време ја препратило информацијата до покраинскиот секретаријат за екологија, а покраинскиот секретаријат потоа, исто така по извесно време, го препратил дописот до локалната самоуправа.
Ѓорѓе Глушац, затворски чувар – свиркач кој го привлече вниманието со овој скандал, бил запознаен со целиот случај.
„Во затворот има одредени дејности, се чуваат свињи и овци и тоа не е ништо необично. Има и септички јами, во кои треба да се носи отпадот што го создаваат животните. Но, токму таму настана проблемот, бидејќи на фармата секогаш има многу повеќе животни отколку што треба, па отпадот се излева од септичките јами, се шири и претставува опасност. „Затоа, по наредба на поранешниот менаџер Душан Сувајц, во соработка со шефот Миле Ранисављевиќ, наредено е да се ископа канал, кој отпадот ќе го „достави“ до езерото Палиќ“, изјави Глушац за Нова.рс.


