СП 2023: Франција убедлива против Иран, Унгарија до важни бодови во групата „2“
После репрезентацијата на Шпанија, и Франција успеа да го обезбеди пласманот во четвртфиналето на Светското ракометно првенство. Француската селекција во својот втор меч од главната фаза славеше убедливо над Иран со конечен резултат 41:29.
Препорачано
Иако на почетокот од дуелот Иранците беа рамноправни до 7:7, но потоа „триколорите“ со серија погодоци стекнаа позитива која постепено растеше до крајот на средбата.
Брие и Турна доминираа во победничките редови со по шест голови, а за поразените по четири погодоци имаа Кабирианџу, Ораеи и Јадегари. На 22 јануари Франција и Шпанија кои моментно имаат по осум бодови ќе се борат за првото место во групата „1“.
Во групата „2“ Унгарија оствари важен триумф кој ја остава во игра за влез во четвртфиналето. Со 28:25 славеа Унгарците против Бразил предводени од Лекаи со седум голови, а за „кариоките“ Монте постигна шест.
На табелата води Шведска со шест бодови, пред Португалија која има пет, по четири Исланд и Унгарија, три има Бразил, а Зеленортски Острови нема ниту еден. Од 20.30 часот ќе се комплетира колото со натпреварот меѓу Шведска и Исланд кој ќе го судат Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Македонија.


