Соништата целосно се менуваат пред смртта – научно истражување открива што сонуваат луѓето на крајот од животот
Тешко болни пациенти често во своите соништа повторно се среќаваат со починати блиски лица, а се појавуваат и визии на врати, скали и светлина, за кои се смета дека помагаат во прифаќањето на процесот на умирање.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Луѓето понекогаш пријавуваат дека гледаат силна светлина за време на искуства блиски до смртта, но оваа симболика на премин често се појавува и во соништата како што се приближува крајот на животот.
Пациентите на палијативна нега, кои се на крајот од својот живот, често имаат многу живописни соништа во кои се појавуваат починати членови на семејството, како и симболи на премин. Лекарите и медицинските работници кои се грижат за нив наведуваат дека овие соништа често носат утеха и го намалуваат стравот од смрт.
„Овие соништа обезбедуваат психолошко олеснување и им даваат смисла на луѓето кои се соочуваат со крајот на животот“, пишува Елиса Рабити од Мрежата за палијативна нега во Реџо Емилија, Италија.
Рабити предводела тим кој анкетирал двесте триесет и девет лекари, медицински сестри, психолози и други здравствени работници за соништата што им ги опишувале терминално болни пациенти. Истражувањето е објавено во научното списание „Тандофонлајн“.
Најчестите соништа и визии, кои се појавувале дури и додека пациентите биле будни, вклучувале средби со починати членови на семејството или домашни миленици. На пример, една жена сонувала за својот починат сопруг, кој ѝ рекол: „Те чекам“. Ваквите соништа носеле чувство на внатрешен мир и им помагале на луѓето да ја прифатат смртта, наведуваат авторите на истражувањето.
Други пациенти сонувале врати, скали или светлина. Едно лице опишало сон, во кој бос се качува кон отворени врати исполнети со бела светлина. Авторите сметаат дека овие соништа можат да бидат начин човекот да се соочи со сопственото заминување и да најде смисла во преминот од животот кон смртта.
Најчесто луѓето поврзани со овие соништа се чувствувале „смирено“ и „утешено“. Само мал дел од соништата, околу 10 проценти, биле вознемирувачки, како на пример сон во кој личност гледала чудовиште со лице на нејзината мајка како ја влече надолу.
Истражувањата на Кристофер Кер од хосписот во Бафало, Њујорк, исто така покажуваат дека соништата за починати блиски лица се многу чести кај терминално болните пациенти и стануваат сè почести како што се приближува смртта.
Тој истакнува: „Интересно е што не се појавуваат случајни луѓе, туку секогаш оние кои ве сакале и ви давале сигурност“.
Неговите истражувања покажуваат и дека чести се соништата за „подготовка за заминување“, при што пациентите сонуваат дека пакуваат работи или влегуваат во автобус.
Кер објаснува дека соништата и визиите на крајот од животот можат „повторно да го состават човекот“. Како пример, тој опишал случај на жена од седумдесет години, мајка на четири деца, која во визија ги движела рацете како да држи бебе, замислувајќи го своето прво дете кое било родено мртво. Таа загуба никогаш не можела да ја изговори, но симболичното повторно појавување на крајот од животот ѝ донело утеха. Тој додава дека и кај многу ветерани нивните трауми често се олеснуваат токму преку овие соништа.
Фреквенцијата на овие соништа се зголемува како што се приближува смртта, бидејќи, според Кер, умирањето е постепена состојба на сон. Луѓето постојано се помеѓу сон и будност, поради што нивните соништа стануваат многу живописни и интензивни, и често велат дека тоа не е сон, туку нешто што делува целосно реално.
Често се претпоставува дека крајот на животот е тажен и страшен, бидејќи човек природно реагира на закана. Сепак, последните недели од тешката болест можат да бидат исполнети со љубов и смисла, а пациентите речиси секогаш доаѓаат до одредено прифаќање, вели Кер.
Тој додава: „Една од најинтересните работи е отсуството на страв“.


