Со новиот ДУП се бришат галии, споменици и барокни фасади
Предлог Деталниот урбанистички план за Мал ринг не е направен за да се протурка нешто, туку, како што тврди градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, за да се отстрани дел по дел од проектот „Скопје 2014“.
Препорачано
На презентацијата која се одржа денеска, Богдановиќ истакна дека на планот се работи повеќе од една година, а сите работи што се преземени се направени точно и прецизно без да се направи каква било штета.
– Во сите постапки клучна работа беше да го вратиме во управување државното неизградено земјиште особено за делот во Малиот ринг поврзано со т.н. проект „Скопје 2014“. Во изминатиот период се изнаслушав дека сакаме да легализираме делови од „Скопје 2014“. Со новиот предлог план се прави спротивното, почнува да се стопира и да се брише сѐ она што било зацртано во тогашниот проект – рече Богдановиќ.
Во новиот план се избришани сите неизградени споменици и на нивно место има зеленило, секаде зацртаните згради со намена А2 за домување се пренаменуваат во објекти за култура. Избришани се од планот и трите неизградени галии во Вардар. Општина Центар, како што истакна Богдановиќ, ќе интервенира во деловите од планот за катната гаража кај собраниската зграда, т.н. шпански скали и споменикот Мајка Тереза, откако ќе завршат судските процеси. Појаснувајќи го новиот план, Богдановиќ информира дека ќе нема можност да се продолжи планираното градење во продолжение на објектот „Теранова“ каде што се изградени тремовите во претходниот план. Се отстрануваат и целосно насоките од планот во 2012 година за тоа како треба да изгледаат фасадите (барок, неокласицизам) и се остава на самите институции, приватни или државни, да направат фасада како што ќе предложат тие или да ја вратат постојната.
Доколку не се донесе новиот ДУП за Мал ринг, бидејќи имаше такви иницијативи од асоцијации, здруженија, поединци, тогаш според градоначалникот, на сила е стариот план кој е под мораториум. Во тој контекст тој укажа дека со новиот Закон за градење, што треба да стапи во сила за брзо време, има можност за суспензија на плановите од само шест месеци.
За деловите од проектот „Скопје 2014“ има 29 постапки во Обвинителството, а една е веќе донесена во корист на Општина Центар, која по таа основа повратила 30 милиони денари.
– Веќе се преземени активирања на банкарски гаранции, поднесени се 29 пријави до Основното јавно обвинителство. Конкретно за Шпанските скали се отворени обвинителни акти. Со секое бришење им правиме услуга на тие кои го цртале тоа. Ако го избришете тоа, нема дело, завршена е работата и нема за што повеќе да се дискутира. Како што ќе ги добиваме судските спорови и како што ќе го враќаме земјиштето така ќе го менуваме после планот, нормално, како што ќе одлучат граѓаните, во зависност дали ќе сакаат парк, плоштад. За деловите што се споменуваат и што се спорни додека не заврши судската постапка и истражните дејствија не смееме да чепкаме и да менуваме – нагласи Богдановиќ.
За делот каде е планиран споменикот на Мајка Тереза се планира улица, но откако ќе се поништи одобрението за градба издадено од Министерството за транспорт и врски, која издава вакви дозволи за објекти од прва категорија.
-Ако „Скопје 2014“ е легален криминал ние легално мора да се бориме да го размонтираме. Ако пробуваме тоа да го направиме на некој див начин, штетата ќе ја трпат сите, пред се, Општина Центар, и ќе се случи да направиме услуга на некој кој веќе направил огромен криминал – смета Богдановиќ.
Вкупната површина на ДУП Мал Ринг изнесува 37,39 хектари. Предвидени се 167 градежни парцели од коишто најголемиот дел се задржуваат во постојна состојба. Предвидени се дејствија само на18 парцели. Собирните улици коишто го опкружуваат планскиот опфат се целосно преземени од Генералниот урбанистички план.
По презентацијата, што поради протоколите што се во сила поради пандемијата се одржуваше во два дела, беа рзгледани забелешките од доставените анктени листови, што треба да бидат внесени во предлог планот по што тој треба да се најде на седница на Советот на Општината.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија претходно побара повлекување и преработување на ДУП-от и отстранување од него на спорните делови од проектот „Скопје 2014″.
„Плоштад Слобода” бара повлекување и доработка на планот за „Мал ринг”
Здружението „Плоштад Слобода” бара од градоначалникот на Општина Центар и од Советот на Општината да го продолжат терминот за јавната расправа и презентација за „Мал ринг” за уште 30 дена и да се повлече планот на доработка, во која ќе бидат вклучени надлежните институции, специјализираните граѓански здруженија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и граѓани кои живеат и работат во тој дел на градот.
– Повикуваме вистинската јавна расправа, веројатно и понатаму под влијание на заканата по јавното здравје, да се случи наесен, во услови кои ќе овозможат комплетна транспарентност и соодветно учество на граѓаните во овие процеси – се вели во соопштението.
Оттаму забележуваат дека специфичната планска документација којашто е објавена не е адаптирана на разбирливо ниво за просечниот граѓанин и оти недостасуваат 3Д прикази, анализи, и прирачници со кои ќе се обезбеди точност во информирање на јавноста.
Тие ја повикуваат Општината да побара изработка на Стратегиска оценка за влијанието на животната средина и изработка на долгорочна стратегија за намалување на концентрацијата на сообраќај, да се ангажираат правни експерти со цел да се изнајдат решенија за спомениците и другите градби кои се граделе нелегално, да бидат прогласени за дивоградби


