Концертот се одржа на 20 декември во Охрид

Со импресивна изведба на безвременски арии и канцони виртуозите Елаис и Барбаџелата ја воодушевија публиката во Охрид

Во духот на празниците, НУ „Охридско лето“ ѝ подари на публиката посебно музичко доживување преку свечениот новогодишен концерт, кој на 20 декември во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид донесе врвна уметност и празнична атмосфера.

На сцената настапија виртуозниот пијанист од Италија, Франческо Барбаџелата, и моќниот шпански тенор Рамирез Дроз Реиналдо Елаис, воодушевувајќи ја публиката со нивната импресивна изведба и извонредна музикалност.

Програмата, исполнета со внимателно одбрани арии и канцони, создаде топла и свечена атмосфера, а уметниците беа наградени со долги аплаузи.

Безвременските „La Donna è mobile“, „Lunge da lei“, „Pourquoi me reveiller“, „Nessun dorma“, „Granada“, „Mamma“ и „O sole mio“ беа само дел од репертоарот, а извонредниот тенор во знак на благодарност кон организаторот „Охридско лето“ и кон публиката што ја исполни големата сала во Центарот за култура, изведе и една латино-американска композиција, покажувајќи ги и своите вештини на гитара.

Концертот уште еднаш ја потврди мисијата на „Охридско лето“ – да нуди квалитетна културна програма и надвор од летната фестивалска сезона, приближувајќи ја врвната уметност до публиката.

Со овој концерт НУ „Охридско лето“ успешно ја заокружува 2025 година во која одбележа јубилејни 65 години од своето постоење. Со програмата што се одвиваше во стандардниот фестивалски термин, од 12 јули до 20 август, и со концертите организирани во останатиот дел од годинава што е на истек, оваа национална установа потврди дека е симбол на културната зрелост, но и најголемиот културен амбасадор на нашата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот