Илустративно фото: Envato

Слободните медиуми се под притисок на Вучиќ, пишува германски „Тагесцајтунг“

„Медиумски скандал во Србија“ и „Еден план станува реалност“ пишува германскиот медиум „Тагесцајтунг“ во својата анализа, каде посочува дека во Србија слободните медиуми се под притисок од претседателот Александар Вучиќ.

„Тагесцајтунг“ нагласува дека Александра Суботиќ остана без работа. Генералната директорка на „Јунајтед Медиа“ раководеше со некои од последните независни медиуми во Србија, меѓу кои телевизијата „Н1“ и дневниот весник „Данас“.

„Уште во август истражувачки новинари објавија прислушуван телефонски разговор во кој токму тоа било разгледувано. Стен Милер, директор на ‘Јунајтед груп’, во чиј состав е ‘Јунајтед медиа’, разговарал со Владимир Лучиќ, директор на претежно државниот ‘Телеком Србија’. Лучиќ објаснил што наложува претседателот Александар Вучиќ: ‘Н1’ треба да го изгуби влијанието, а Суботиќ мора да замине. Милер тогаш изјавил дека му е потребно време и дека најпрво мора да иницира други промени. Сега, шест месеци подоцна, планот стана реалност“, анализира „Тагесцајтунг“.

„Ќе ве запалиме, само чекаме дозвола“: Редакцијата на Н1 во Србија мета на секојдневни закани

Суботиќ во октомври за германскиот медиум изјавил дека неуморно се залагал сите медиуми од нивната група да работат целосно ослободени од политичко или деловно влијание.

Гледаноста на „Н1“ е удвоена

Токму тоа направи проблем за Вучиќ, пишува „Тагесцајтунг“, кој посочува дека Вучиќ „со години врши притисок врз слободните медиуми во земјата“.

„’Н1’ и ‘Нова’ во моментов се единствените телевизии во Србија што не се под негова контрола. ‘Н1’ речиси секојдневно известува за протестите што ја потресуваат земјата од ноември 2024 година, по катастрофалното уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Од почетокот на демонстрациите, гледаноста на ‘Н1’ се удвоила. Поради тоа, владата веќе извесно време се обидува да ја попречи работата на новинарите, на пример со тоа што на ‘Н1’ не ѝ доделува национална фреквенција. Дополнително, приврзаници на владејачката партија Српска напредна странка (СНС) вршат насилство врз репортери. Откако Вучиќ стана претседател во 2017 година, Србија на ранг-листата за слобода на медиумите падна од 59-то на 96-то место“, се вели во анализата.

„Тагесцајтунг“ пишува дека е најавено формирање на „Адриа Њуз Нетворк“ (АНН), каде би се префрлиле сите медиуми на „Јунајтед Медиа“.

Според медиумот, Брент Садлер, поранешен претседател на управата на „Н1“ и поранешен дописник на „Си-Ен-Ен“, во „АНН“ ќе ја има уредничката надлежност над медиумите.

„’АНН’ треба ‘да ја зајакне и формализира уредничката независност“, изјави Милер во соопштение.

Сепак, како што наведува „Тагесцајтунг“, во тоа новинарите на „Н1“ не веруваат. За Игор Божиќ, програмски директор на „Н1“, преструктуирањето е спроведување на планот на Вучиќ.

„Целта е подоцна да се преземе контролата врз медиумите“, изјавил тој за „Тагесцајтунг“.

Нова.рс во своја неодамнешна анализа пишуваше и дека изборната година може да донесе нови „фантомски“ медиуми во Србија, додека независното новинарство ќе станува сè потешко одржливо.

„Фантомски“ портали во Србија за градење предизборна инфраструктура, пишува српска Нова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот