„Фантомски“ портали во Србија за градење предизборна инфраструктура, пишува српска Нова
Секоја нова изборна година може да донесе нови „фантомски“ медиуми во Србија, додека независното новинарство ќе станува сè потешко одржливо. А без слободни медиуми кои обезбедуваат информиран избор, ни самите избори не можат да бидат слободни. Кога локалните медиуми настануваат како проекти на моќта, граѓаните добиваат само уште едно, ново ниво на управување со перцепцијата на реалноста, пишува Нова.рс во својата анализа.
Препорачано
Според анализата, во првите недели од 2026 година, српската медиумска сцена доби десет нови локални портали. Деталната анализа открива образец – ист сопственик, ист уредник, ист ден на регистрација, ист наратив. Асоцијацијата на независни електронски медиуми пишува дека сите нови портали се регистрирани од истата новосадска компанија Зепл Медиа Груп (Zaple Media Group). Нејзин директор е Градимир Банковиќ, познат во јавноста како соработник на Центарот за општествена стабилност. Првите три медиуми – Србија на истоку, Паланечке вести и Глас Аранѓеловца – се регистрирани истиот ден, на 9 јануари 2026 година. До февруари, мрежата се прошири на десет портали.
Порталите ги покриваат токму оние општини во кои оваа година се одржуваат редовни локални избори: Аранѓеловац, Бор, Кладово, Књажевац, Кула, Лучани, Смедеревска Паланка…
Како што пишува Нова, тоа не е случајност, туку насочена операција за изградба на политичко-комуникациска инфраструктура која покажува разбирање на локалната изборна динамика.
Изборите како поттик за медиумска експанзија
Во анализата стои дека „претстојните локални избори имаат не само конкретно влијание и значење за локалната средина, туку и симболична вредност што ќе го одрази влијанието и последиците од граѓанските и студентските протести во текот на 2025 година врз стабилноста и силата на власта на СНС“.
Дополнително, Нова посочува дека секои локални избори се можност големите национални наративи да се „спуштат“ во општините, а угледот на власта да се брани или гради преку подиректни и на локалната публика поблиски приказни за развој, стабилност и инвестиции.
Значењето на локалните медиуми често е потценето во јавната дебата која се фокусира на националните телевизии и големите портали. Меѓутоа, пишува Нова, локалните медиуми претставуваат најдиректен комуникациски канал меѓу власта и граѓаните на локално ниво. Во мали средини, каде луѓето се познаваат и каде персонализираните кампањи имаат посилен ефект, контролата врз локалниот информативен простор може да биде пресудна за изборна победа.

За граѓаните, локалните медиуми се примарен извор на информации за случувањата во нивната општина, за работата на локалната самоуправа, за проблемите што директно ги засегаат. Од друга страна, како што посочува Нова, со години наназад власта има стратегија пред секои избори локално да гради легитимитет преку конкретни теми – гради патишта, отвора училишта и фабрики, носи инвеститори.
Во таков систем, стои во анализата, локалните медиуми се важен, незаменлив „засилувач“ на ваквите настани, особено доколку во нив се потисне секој критички или аналитички пристап и тие се претворат во континуиран разглас на позитивни вести.
Центарот за општествена стабилност – повторно
Според Нова, врската меѓу новите медиуми и Центарот за општествена стабилност е важна за разбирање на оваа тема.
Во анализата се споменува ЦЗДС, формално невладина организација, која е категоризирана како „генератор на пропагандни филмови и таргетирани кампањи против критички ориентирани новинари, јавни личности и медиуми“.
Претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ ги нарекла „фантастична невладина организација“, додека претседателот Александар Вучиќ ги пофалил како „вистински српски родољуби“.
Ваквата афирмација од највисоките државни нивоа, пишува Нова, ѝ дава легитимитет на структура што дејствува како политичка продолжена рака на власта. Градимир Банковиќ, уредник на сите десет портали, не е само регистриран како директор на медиумска компанија, туку и јавно се појавува како претставник на ЦЗДС.
Еден од основачите на ова здружение е и актуелниот министер за евроинтеграции, Немања Старовиќ. Според Нова, ова меѓусебно испреплетување на политички структури, псевдо-граѓански организации и медиумска мрежа претставува ример како со политичка манипулација може да се создаде привид на плурализам, додека, како што пишуваат, во суштина се гради и дополнително се зајакнува контролиран медиумски екосистем.
Организација блиска до Вучиќ објави „листа за отстрел“ со имиња на 40 српски независни новинари
Инаку по „документарниот“ филм со кој беше таргетиран претседателот на Асоцијацијата на независни електронски медиуми (АНЕМ), Веран Матиќ, таканаречениот Центар за општествена стабилност пред неколку денови објави список со повеќе од 40 имиња, меѓу кои најмногу се новинари од независни медиуми.
Како што објави Нова, со ваква порака, на инстаграм-профилот на Центарот за општествена стабилност е најавен продолжетокот на пресметката со независните новинари во Србија.


